Мотивација, дисциплина и посветеност – ова се клучните зборови за достигнување на своите цели, нов личен рекорд или едноставно кога сакаш да станеш подобра верзија од самиот себе. Вистината е во тоа што напорната работа е пред талентот ! Но, да почнеме од почеток на мојата приказна.

Првиот контакт со спортот го имав на возраст од 10 години. Моите родители, за роденден, ми купија МТБ и како секое дете јас бев пресреќен. Фактот дека мојот роденден е во август беше одлична случајност да ги направам првите вожњи на асфалтот во жешкото лето 1998 година. Благодарение на татко ми кој ме носеше по стрмните брда низ Австрија уште на таа возраст. Се вљубив во овој спорт и по првичните возења, бев ‘гладен’ за уште километри на отворено.

Во пубертетските години, се повеќе го запознавав велоспипедизмот. После часови, ќе го земев велосипедот и ќе возев заедно со татко ми низ планините во близина на селото каде што живеевме. Возењето низ шумата, мирисот на свеж воздух, и слушањето на тишината на природата, за мене значеше слобода. Нормално, далеку бев од нивото на подготвеност за натпревар, но тогаш и не ме интересираше да се натпреварувам. Кога наполнив 16 години и ја добив првата плата, го купив првиот друмски велосипед,  Трек 1000. Навистина бев заљубен во овој велосипед, најмногу поради тоа што мојот идол од тоа време – Ленс Армстронг – штотуку ја освои третата титула на Тур де Франс возејќи Трек.

Веднаш штом почнав да го возам новиот велосипед, почнав и многу брзо да напредувам. Толку бев добар што ја добив можноста да се тркам на „everyman“ трките. На 17-годишна возраст потпишав полупрофесионален договор со мојот клуб mountainbiker.at и добив можност да се тркам на разни трки. Набргу, открив дека силна страна ми се брдските трки. Имав способност да  одржувам константно брзо и силно темпо дури и на последните успони. Мојот најголем успех беше победата во националниот шампионат во U – 18 во категорија брдски трки во Австрија.

За жал, тоа беше и мој последен успех. Морав да престанам со велосипедизам поради неколку причини. Најголемата беше тоа што го изгубив мојот тренинг партнер во несреќа во текот на трка, почина до мене чекајќи ја првата помош. Тоа е сцена што секогаш ќе остане во моите сеќавања. Друга причина беше задолжителната воена обврска за момчињата на 18-годишна возраст во Австрија. Последната причина која ме оддалечи од велосипедизмот е тоа што бев контактиран од „црните кругови“ на велосипедизмот, кои што ми нудеа супстанци за подобрување на перформансите со цел да ме подготват за остварување на поголеми цели.

По шест месеци поминати во војска, добив понуда да работам во Македонија. Тоа беше одлична можност да ги развијам вештините во друга држава  и да стекнам работно искуство. Прифатив, бидејќи возењето на велосипед не беше во мојот фокус во тој момент. Се беше добро, убава работа, комфорен живот и за жал, многу вкусна храна. По 4 години во оваа лулка на цивилизацијата, тежев 90 килограми, бројка што никогаш дотогаш не сум ја видел на вага. Толку многу бев шокиран што престанав да јадам се и сешто и започнав со она што ме водеше претходните години – спортот.

Во овој период, во Македонија, беше тешко да се вози велосипед па почнав да трчам. За жал, започнав со тренинзите во ноември 2014, и како дополнителна мотивација за божиќните празници 2014/2015 решив да учествувам на маратонот во Виена 2015. И ете ме – беше април 2015 година, изгубив 17 килограми и во тој момент навистина се чувствував добро. Подготвен за мојот прв маратон – дотогаш никогаш немав трчано ниту на полумаратон. Понесен од емоциите и поддршката на публиката, го завршив овој предизвик за 4 часа и 16 минути.

Толку бев среќен што веднаш се пријавив за следниот маратон – есента, во Франкфурт. Тоа беше неверојатна трка и се беше одлично, имав за 30 минути подобро време од мојот резултат во Виена. Но, за прв пат, после трката се соочив со повреда. Почнаа проблемите со колената кои многу ме болеа во Франкфурт. За мене, овие моменти се многу важни во спортот. Можеби и можеш да постигнеш најдобар личен резултат, но дали му даваш доволно одмор на твоето тело за возврат за тој напор? Се чинеше дека не му давав. Мораше да ги намалам тренинзите за следниот маратон. Овие зимски недели од 2015 година, во мислите се навратив на велосипедизмот. Веднаш се заинтересирав за новостите и промените што се случија во изминатите 5 години откако престанав да возам велосипед. Се чинеше дека, на пример, тренингот со „power meter“ е одлична промена со која можеш да ги поместиш сопствените физички граници. Но, кога се вратив на трчањето, сите новини во велосипедизмот ги заборавив со истата брзина со која ги запознав. Се подготвував најмногу што можам во текот на зимскиот период, започнав многу свеж и во добра форма за маратонот во Виена 2016 година каде што го постигнав мојот личен, се уште најдобар резултат – 3 часа и 6 минути.

Маратонот во Виена во 2016 година, за мене, отвори ново поглавје. Новините во велосипедизмот почнаа повторно да се будат некаде во мојата глава. Купив нов друмски велосипед  – се разбира, со сите технички додатоци коишто во тој момент беа златен стандард – како што се „power meters“. Веднаш го почувствував истото што го чувствував кога бев помлад. Почнав да возам на улица, се качував по стрмни брда, и повторно го имав истото чувство од младоста. Се чини дека бев зависен од овој спорт и дека беше само прашање на време кога ќе и се вратам на оваа зависност.

Но, имаше еден проблем, бев зависен и од трчањето. И двата спорта, велосипедизмот и трчањето, толку многу ме туркаа напред што не можев да се откажам од ниту еден. Со оглед на тоа што се уште работев во Македонија, мораше да направам комбинација од двата спорта. Од понеделник до петок трчав во Македонија, а во текот на викендите возев во Австрија. Времето не секогаш беше убаво за утринско возење со велосипед, но тоа беше единствениот начин да се занимавам со ова хоби, а по 9 часот наутро да бидам добар татко на моите две ќерки што ме немаа видено цела недела. Нешто ново што открив во зимата 2016 година беше „Zwift“. Ова е онлајн платформа за велосипедски тренинг каде што испраќаш твој аватар низ различни места низ светот. Оваа магична алатка беше идеална за мене. Сега веќе можев да тренирам независно од времето и локацијата, дури и во Скопје. Така, беше многу полесно да се поминува квалитетно време со моето семејство за време на викендите бидејќи веќе ги имав поминато тренинзите во текот на неделата.

Продолжува…


Автор: Штефан Трост