Живот на работ на болка и самодисциплина – Штефан Трост (II дел)

Во мај 2017 година, почнав да размислувам на пливање. И денес да ме прашате зошто, немам одговор. Како и да е, на 1 јули 2017 година, скокнав во вода за првпат да „пливам“. Беше ужасно, толку ужасно што кога се вратив дома веднаш отворив „YouTube“ за да разгледам видеа за подобрување на техниката. И така, возев велосипед, трчав и пливав. Што ќе биде следно? Дали сега сум триатлонец? За да си го докажам ова, решив да се пријавам на мојот прв триатлон. Се пријавив на Ајронмен 70.3 во „Zеll am See“ во Австрија. Имав доволно време да се подготвам и да го подобрам пливањето, бидејќи се одржуваше на крајот од август. Ете ме денес, се уште активен, подобрувајќи ги моите вештини и поместувајќи ги своите граници колку што можам повеќе.

Натпреварувањето во триатлон бара многу труд. Потребно е многу посветеност кон сите три дисциплини за да се тркаш и да бидеш меѓу првите бидејќи тоа се три различни спортови – со свои специфични техники, брзини и методи на тренирање. Твојот тренинг треба да го третираш како индивидуална трка, повеќето време си сам – ти против тренингот што ти го дава тренерот. Секој нареден интервал е твој личен предизвик. Мислам дека е најважно да се започне тренинг сесијата. Се што те чека за време на тренингот треба да го гледаш како предизвик, нова пречка за твоето тело, да ги туркаш своите граници.

Клучот на успехот (успех не значи да победиш, успех за мене значи да бидеш најдоброто „јас“) е напорната работа. Мислам дека не постои талент. Постои само напорна работа. Кога на телото постојано му поставуваш нови предизвици, нови импулси, ќе станеш подобар „јас“ и ќе ги поместиш сопствените граници. На крајот од краиштата, ова треба да биде мотивација за твојот тренинг. Твојата цел е да ја завршиш сесијата со подобар резултат од претходната (побрзо, посилно или дури и со побрзо рикавери). Има една уште поважна порака – колку понапорно тренираш, толку полесно ќе ти биде на трка. Твоето тело се навикнува на таков стрес и во текот на трката секогаш може да се сетиш како ти било на некој од тренинзите.

Како изгледа во моментов мојот ден? – Станувам во пет часот наутро, пред шест часот ја започнувам мојата прва тренинг сесија, завршувам и одам на работа во 8 часот и 30 минути. Обично работам од 10 до 12 часа дневно што изискува многу голем психички напор. Па така, навистина уживам кога на крајот од денот ќе ја одработам втората тренинг сесија. Убаво е чувството кога ги подобруваш своите способности и ги поместуваш границите на своето тело. Очигледно е дека е потребно повеќе од тренинг план и мотивација за да можеш да се натпреваруваш на вака високо ниво. Мора да споменам дека клучен фактор е и силната поддршка и посветеност на мојата околина. Семејството, пријателите и партнерите се факторите, што првично не се „видливи“ но се многу битни, што секако дека не може да направат да победиш трка, но може многу да придонесат. Неопходни се поддршката и придонесот. Како би било можно да се тренира и до 25 часа неделно, ако твоето семејство не те поддржува и охрабрува побрзо и подобро да ги оствариш своите цели? На крајот на сезоната од 2018 година, со тренерот направив план за трките за 2019 година. Главен фокус треба да бидат два настани. Прво, треба да се квалификувам за Светскиот шампионат во Ајронмен 70.3 во Ница (ова може да се постигне само ако си меѓу првите тројца во својата возрасна група во трката пред Шампионатот), а после тоа да го завршам мојот прв „full distance“ Ајронмен. Многу ми значи да бидам здрав и да се чувствувам витален пред да започнам проект како овој. Затоа и чекав една цела година за мојот прв „full distance“ Ајронмен. Според мене, една од клучните работи во спортот е здравјето. Секој, почнувајќи од рекреативците па до врвните атлети, треба да се насочат кон здрав живот и континуиран развој.

На почетокот од 2019 година, со претходна добра подготовка, а и многу нови тренинг методи, бев подготвен да ја исполнам мојата прва цел за оваа година – квалификацијата за Светскиот шампионат Ајронмен 70.3 во Ница. Стигнав до ова преку третото место во Тајланд на натпреварот Ајронмен 70.3 „Bangsaen“. Една цел помалку. Доаѓа наредниот предизвик…Никогаш не престанувај да одиш напред кон новите предизвици…

Многу ми значи достигнувањето на оваа цел толку рано во сезоната. Сега може целосно да се фокусирам на мојот прв „full distance“ Ајронмен. Но, се разбира, до тогаш – почетокот на јули, ќе има многу пот и болка, на границата помеѓу успехот и предизвиците.


Автор: Штефан Трост