К2 – Последниот дијамант на хималајската круна

Декември е месецот кога започнува зимската сезона (според метеоролошкиот календар на 1 декември, додека пак според астрономскиот, на 21 декември), а со тоа и „опсесијата“ кој/а прв ќе се искачи на последната неискачена, во зима, 8.000ка на Хималаите, односно врвот К2.

Годинава не очекува особено голема гужва на Абруци (Abruzzi) гребенот (насоката по kоја ќе се прави обидот за искачување). Eден тим веќе е таму и поставува опрема (John Snorri, Ali Sadpara и Sajid Sadpara) коишто веќе стигнале до висина од 6000м. Вториот тим што работи се непалските качувачи Mingma Gyeale Sherpa, Dawa Tenzin Shepra и Kili Pemba Sherpa, коишто имаат стигнато до 6700м. Најголемата „екипа“ е на пат кон базниот камп и брои вкупно 60 луѓе, од кои 28 шерпаси и 30 клиенти и професионални планинари, меѓу кои е и Tamara Lunger. Последниот тим што ќе направи обид е Himalayan Elite Team што ќе работи за Nirmal Purja, човекот што ги искачи сите 14 врвови што се повисоки од 8.000м во една сезона.

Индивидуално гледано оваа година на К2 се наоѓаат физички најспремните луѓе, но токму тоа може да се покаже и како најголем проблем. Еден од пионерите на зимските искачувања, Simone Moro смета дека токму гужвата што ќе се направи на рутата кон врвот К2, во комбинација со кратките прозорци на убаво време како и комплицираните услови на гребенот, се главниот проблем што ќе го имаат качувачите оваа сезона. Исто така тука се јавува и проблемот на стилот на качување, односно користењето на боци со кислород. Многумина сметаат дека ваквото качување не е етичко и чесно.

Ние им посакуваме среќа на сите инволвирани и чекаме вести за напредокот.

Извор: Rock and Ice Magazine


beyond-the-results-logo