соло-на-планина

Соло на планина? Посебна состојба на умот

За сите вљубеници на „outdoor“ активностите, планината претставува еден вид совршенство, бидејќи нуди активности што го креваат адреналинот до максимум и активности што едноставно нудат мир и спокој, којшто не може да се доживее во урбаните средини. Како секое совршенство на овој свет така и планините имаат своја „темна“ страна. Колку што се гостопримливи, толку знаат да бидат опасни и сурови по животот на човекот. Токму ваквата „јин-јанговска“ филозофија бара да се има голема психофизичка подготвеност.

Основен начин да се редуцираат објективните (па до некаде и субјективните) ризици на планините е да не се оди САМ. Има многу причини зошто е подобро да се оди во мали групи (чопоративното одење можеби е поопасно од одењето соло), од тоа дека секогаш две глави подобро размислуваат и гледаат од една, давање на помош во несакани ситуации и многу други. Но, човекот не би бил човек доколку не се обиде да направи нешто што ќе го исфрли од „комфорт“ зоната. Така уште од самите почетоци на планинарските активности (планинарење, алпинизам, планинско трчање, МТБ итн.) се воспоставува т.н. категорија „СОЛО“ што значи дека си направил нешто САМ без никаква поддршка од други. Причини зошто би оделе сами има многу, но она што науката се труди да го одговори е дали постои разлика во фунционирањето на мозокот кај луѓето што прават неверојатно опасни работи, односно дали се „оперирани“ од страв. При испитувањата на мозокот на можеби најголемата екстрема во овој случај Alex Honnold се утврдило дека неговиот мозок е најнормален т.е. дека центарот за страв, амигдулата постои. Следно прашање е дали воопшто му фунционира, но и тука е утврдено дека тој дел од неговиот мозок фунционира како кај сите останати. Она што е различно е која информација го активира тој орган да испрати импулси за опасност, односно т.н. филтер на информации (PFC), моментите на солирање на 1000 метри висока карпа без никаква заштитна опрема во неговиот мозок не ги карактеризира како животна опасност и со самото тоа Honnold успева да направи нешто што 99,9% од луѓето не би можеле. Точен одговор зошто е ова вака немаме, но според него за да се чуствува комфорно во насока, потребно е да помине многу време во тренинг на истата (со заштита), студиозно проучување на сите детали и опасности и чекање на вистинскиот момент кога е психофизички подготвен да го направи искачувањето. Со други зборови соло-качувањето на некоја насока за него е комфорт зона.

Секако дека Honnold е екстрема, но принципот на функционирањето на мозокот е ист кај сите. Без разлика дали некој ќе почувствува страв на обична експонирана планинарска патека или пак на алпинистичка насока на Хималаите, процесите во мозокот се исти. Она што е различно е како се перцепира одредена ситуација. Токму затоа одењето СОЛО на планина бара „посебна“ состојба на умот, односно треба да сте физички подготвени, максимално фокусирани, и што е најважно од се, да имате чувство дека се наоѓате во некоја нормална ситуација за вас без разлика за тежината на нештата. Ова НЕ значи дека доколку одите сами на Водно може да одите сами на Титов врв, или доколку одите сами на Титов врв во лето дека истото можете да го направите и во зима. Солирањето на Новогодишен на Матка не ве прави подготвени да одите соло на „Нörnligrat“ на Матернхорн итн. Потребно е искуство, знаење и секако доведување во правилната состојба на умот, за да сами можете да уживате во убавата страна на планината.


beyond-the-results-logo