Човек полн со живот / После сѐ постои утре – Петар Георгиевски – Камиказа

Во нашево секојдневие, многу ретко може да се наиде на луѓе кои се постојано насмеани и кои без оглед на случувањата од секојдневието, прават свесен избор да останат такви. Доколку сте некој кој трча и го правите тоа наутро – сигурно бар еднаш имате наидено на Петар Георгиевски – или Перо Камиказа. И сега, без да продолжам со објаснување во оваа реченица, сигурна сум дека повеќето од вас – бар оние кои се фанови на искрената позитивност, добија насмевка на лицата.

Сите имаме различни задоволства. Ако гледаме површно, Перо има многу работи кои го прават среќен… Перо има колекција на гитари, Перо вози мотор, точаци, Перо е целосно посветен на спортот… но, како добар познавач на Перо ќе кажам едно – најголемото задоволство на Перо е животот. Кога денот ми почнува со случајна Перо-средба на Кеј, знам дека ќе биде добар ден во кој имам свртено бар еден значаен муабет. Во прилог, дел од од еден од нашите значајни муабети.

Статистика на истрчани трки: 75 полумаратони, 3 маратони, една 60 км ултра и уште неколку локални трејл и не-трејл трки. Во последно време – натпреварувач на локалниот дуатлон, со цел да се сврти кон триатлонот.

“Никогаш не сум сакал да трчам должини, а не па маратони; да возам точак, а камо ли па да пливам. Сакав и уживав во практикување на брзински трки на 100 и 200 метри, скок во далечина, разни боречки вештини, кајак и што уште не. Никогаш не бев “дугопругаш”. Сѐ сакав одма и сега… арно ама… Им се смеев на Водно на типови облечени во велосипедска опрема и со тоа шпринтериците кога ќе влезеа во дом – пусти јас, сега исто изгледам. Е Перо бе, никад не реци никад. Уште па и шпринтериците ми се бели, ха, ха, ха. Сѐ што нејќев да правам ми се случи. И ај што се случи, него и убаво ми стана.

На 20-ти ноември лани бев физички мртов. Пред тоа, на 3-ти ноември ја завршив локалната дуатлон трка, која ми беше последна таа година. На дуатлонот телото ми ги покажа сите мани, но завршив! Осеќав немир – отидов на кардиолог. Одвај се качував по скали и осеќав огнена топка околу градите. Ми поставија дијагноза: пулмонална емболија со тромбофлебит. Дијагноза со 30% смртност. Во болница, поминав 17 дена од кои неколку дена со просечен пулс 128. Ноќта кога се случи одвојувањето на телото од душата некое време, мојата спортска форма ми го спаси животот – се разбира, со помош на горниот.

Многу често ме прашуваат како почнав со спорт – и се сведува баш на тоа, дека спортот неколку пати ми го спаси животот. Јоско, мојот тогашен доктор, кога влегов кај него ми рече, “Леле, како свиња си се направил”. А таму во чекалната, го слушнаа неколку госпоѓи – кога ме фати еден срам. Имав покачен холестерол поради лоша исхрана и генерална негрижа за себе – а и го враќав првиот голем кредит. Тие три месеци бев пред физички и психички колапс. Ми дадоа многу лекови. И така, полека почнав да пешачам на Кеј. Ме болеше секое мускулче и ковче на телото – секое сабајле и ручек пешачев помеѓу 3 и 5 км. Постепено, почнав и да трчам од канта до канта. Од 120 кг паднав на 99 кг. На втората контрола Јоско ми рече дека полека почнувам да личам на човек. Тогаш му ја вратив кесичката со лекови. Почнав да одам во теретана и тука почнав да ја гледам убавината на дружбата со луѓе во спортска средина. Иако тогаш, сѐ уште бев далеку од мојата 50-та година кога го истрчав првиот полумаратон. Скопски ми беше првиот полумаратон и од тогаш немам пропуштено ниту еден, освен тој што се откажа. Па дури и тогаш, собрав група луѓе и истрчавме полумаратон ревијално. Целата група помина од тогашниот студентски протест – каде ни се придружи и дел од нив. Снаодлив лик, нема што, ха, ха, ха.

Првиот маратон го трчав во Рим и преубаво си поминав. Како и секоја популарна трка, првите 2 км рипав преку луѓе. По неа, трчав во Њујорк – е оваа трка беше апсолутно најубава. Таму крахирав физички. Напорните тренинзи резултираа со стрес фракстура на сакрум. Ми викаа дека не треба да трчам но… без разлика на советите од докторите и со големи болки, сепак, го истрчав.

Откако поминав низ сѐ и сешто, годиниве се научив на понизност. Учам да одморам кога треба и учам да не одам со глава во ѕид. Научив и да уживам во дружбите и сега веќе знам дека дел од големината на сето ова што го правиме како рекреативци е во спортскиот дух и дружбата. Затоа и не слушам музика кога трчам. Сакам да бидам со луѓето, сакам да се поздравам со сите, сакам да споделам енергија. Сакам, доколку можам, на секој кој го поминува мојот пат од пред некоја година да му помогнам и да го охрабрам да си ја постигне целта. Телото што ми го дал Бог мора да го зачувам, бидејќи ќе ми треба за предизвиците – затоа што има уште многу работи што сакам да ги направам.

Тоа што го научив е дека не можеш да му земеш живот на човек полн со живот. И дека после сѐ постои утре.”

За наша среќа и за добрината во Универзумот да извојува уште една победа, остана жив и ни се врати со цело срце и душа. Како ништо да не било продолжи да спортува, советува и љуби. Перо е симбол за тоа колку далеку можеш да стигнеш со позитивен став и со малку повеќе грижа за сите околу тебе. Со Перо делиме слична историја на повреди, а делиме и пасија кон триатлонот и кон музиката… едно време викав дека се наоѓаме за сѐ освен во тоа дека тој многу повеќе од мене сака да вее знамиња. Дури и тука ме победи, бидејќи кога го прашав, со голема леснотија ми одговори: “Љубовта кон мојата земја ме учи да ги сакам и сите останати.”

Бидете како Перо.


Автор: Леана Таќи