Мемоари од Солунска – Дејан Крле

Climbing is a mental game. Your attitude and emotions act as allies or enemies when attempting a difficult route at the edge of your ability. The best climbers aren’t necessarily the fittest or the most skilled. Instead, elite climbers share a passion for climbing combined with the ability to exert their will and to pay attention to both internal and external conditions – Mark Twight

Воден од оваа мисла со големо задоволство ја прифатив поканата од Никола Андоноски повторно да ги посетиме Нежиловите спили на Солунска глава. Овојпат, за разлика од минатиот кога ја прелетавме Абзел линијата 2007, очекував дека ќе го качуваме Воскресението, со преспивање во Чеплес и ран старт низ изворите на Бабуна. Но, поради моите работни обврски, од Скопје тргнавме доцна после 20 часот и попатно се договоривме дека денот на независноста ќе го поминеме како прилега – независни од сите удобоности на планинарскиот живот. Моето мечтаење за качување во чист алпски стил конечно ќе се оствари!

Во Нежилово пристигнавме минути пред полноќ, небрзајќи, уживајќи во возењето и прекрасното кафе на бензиска во Велес, пропратено со исцрпни разговори за подемите на македонскиот алпинизам. Опремата за кусо време ја сортиравме и распределивме, го контактиравме Зоран Мајсторски кој со Маја Мухиќ веќе беа пристигнати во Чеплес и кроце тргнавме кон изворите на Бабуна. Времето поминуваше навистина бавно но забавно во детална анализа на сите производители на качувачка опрема и облека и нивните најдобри дела. 

Веќе во два часот по полноќ стигнавме на изворите кои беа повлечени низводно над водопадот: не фаќа мала криза за спиење (јас бев спиел само 3 часа претходната ноќ), правиме кафе и поткаснуваме – и тогаш ја кревам главата угоре – и магија се случува.

Глуво доба, црна темница, камена река, букова шума, опколени од надвиснатите карпи на кањонот, а над нив црните контури од борови и елки создаваат рамка во која трепераат милијарди светли точки на небото. Вонземски!

Со тоа уметничко дело над нас продолжуваме низ кањонот каде што сите скокови ги солираме со ранците и сета опрема на грб (четворка беше најтешкиот), освен најголемиот превисен и висок дваесетина метра кој го заобиколуваме низ шумата. Не раздени околу пет и пол со тоа што сонцето најќејфски и полека почнувајќи од источниот кон нејзиниот јужен дел, метар по метар, скоро цел час ја боеше темно-сината карпа со златно-бела боја.

Камената река ја оставивме зад себе и по еден многу стрмен тревнасто-карпест терен се качивме погоре кон местото каде што нашиот и Маино-Зокиниот пат се разидуваа. Прилегнавме на издигнатото сонце, во полу-сон го прегледавме детално кулоарот кој за некој час требаше да го искачиме. И само што бевме задремале, чекајќи ги Зоки и Маја да се појават – кои на моменти ги потслушнувавме како движат низ кањонот, одеднаш не разбудија неколку камени лавини отспротива во спилите. Слушаш течат камења но не можеш да ги видиш – кога одеднаш здогледавме една голема дива коза како се спушта по карпата: застана и гледа кон нас. Претпоставувам најверојатно не очекуваше никого да сретне ова утро, особено не човек, и со чудење си замина бркајќи си ја својата работа.

Пристигнувањето на мојот инструктор, му влеја дополнителна самодоверба и сигурност на мојот успан ум, и по краткото отпоздравување тргнавме кон почетокот на насоката. Го следевме белиот траг низ карпата создаден од истек на дождовница и ситни камења – карпата тука е релативно компактна, мазна и посеана со бела прашина од иситнетиот варовник, но добро трие. Иако во овој дел се вковани 14 алпинистички клинови, ние качувавме симул соло за 50тина минути, штедејќи го времето иако го имавме доволно.  Фррррр! Еден камен прелета надолу покрај нашите кациги! Фррррр! Уште еден го слушаш дека доаѓа!

Само што го поставивме првото сидриште на алпинистичките клинови, Нежиловите спили ни посакаа добредојде, едно пријателско предупредување за тоа што не чека погоре – во срцето на спилите. Никола, кој водеше осум од десетте цуга на ЦСК тргна в десно од сидриштето во првиот посериозен дел – кратка деликатност каде што фаќалиштата се мазни а клучното место по мене е едно стојалиште во кое го собира само големиот прст од десната нога и во кое упорно одбиваше да пенетрира мојата апроуч патика. Почетокот на вториот цуг пречи преку еден сипар и се влегува во лесен но раздробен дел преку која се доаѓа до третото сидриште сместено во едно мало кулоарче. И таму ново изненадување – Никола само што тргна и еден блок за кој се фати се скрши право кон мене. Мирисот на согорени минерали од распарчениот камен се измеша со загриженоста од ронливоста на теренот над нас. Голтка вода за да сето тоа го проголтам полесно.

Дополнителен немир ми создаваше и звукот од повеќекратниот прелет на јатото црни птици на кои им дојдовме на визита, а чиј дом беше отспротива во големата пештера со облик на срце. И така, цупкајќи си на неудобно сидриште, те лева нога погоре те десната малку полево – место не ме фаќаше – почнав да се чудам во себе зошто Никола толку многу пцуе и гласно се нервира веќе петнаесетина минути. Од минута во минута, помалку и помалку го дослушнувам но чувствувам дека има сериозни проблеми. Ослободи јажеее!!! Ослободувам јаже и го слушам како ми се дере со силен трепет во гласот: Дејан, шо че прајш прај, облакај пењачици и тргај највнимателно!

И тргнувам нагоре по кршлив терен по десниот крај на кулоарчето, газам како по јајца, и наидувам на мало каминче во кое едвај ми го собра газот, а не па стомакот со се ранецот на грб. Малку се подиздадов нанадвор в превис и чисто го поминав. Тоа малку ме подигна психички. И кога одеднаш го здогледав јажето како лази по еден благопревисен екстремно ронлив терен – на ништо друго не помислив освен тоа дека ова мора да е очекуваниот клуч на насоката. Го барам патот на Никола ни вертикалниот крш – секаде може да поминал – си велам интуицијата нека ме води. Ментално се подготвив и тргнав, полека, смирено и сигурно – но каква безбедност можеш да очекуваш од терен во кој секој камен што ќе го фатиш ти се вади како фиока? Рака по рака нога по нога искачив десетина метра – земам здив, се проверувам – спокоен сум, трезен, свесен, концентриран – нозете и рацете ми се најодморени, повторувам повеќе пати – физички добро се држам и стојам – продолжувам. Текот на качувањето ме внесе во еден вертикален жлеб исполнет со земја и треви – не смеам по лизгавово ми прелетува мислата – па се враќам влево нагоре преку тоа кршливото и само што искачив неколку метра – влегов во превис, изгубив рамнотежа и паднав 2 метра – само што си реков дека нема лесен начин во алпинизмот кога онака висејќи забележав една прекрасна линија над мене која ми изгледаше најпримамлива за моите качувачки способности.

Се вратив на карпата и охрабрен од падот продолжив да качувам, и тогаш кога гласот на Никола стануваше се поблизок, забележав дека во сите тие триесетина метра јака шестка, ненормалниов заковал за себе само еден единствен клин кој немаше ни да издржи едно гомце од птиците кои постојано надлетуваа додека качувавме. Покрај адреналинот кој максимално ме пукаше во целиот мозок пронајдов неколку незафатени мозочни синапси за да му се налутам поради тоа бидејќи во тој момент сватив поради што извираше сето негово пцуење. Трите метра до клинот, технички ми изгледаа невозможни, тргнав лево во диагонала под него па траверсирав в десно и со помош на затегнатото јаже и два удара со чеканот го извадив проклетиот клин (во тој момент повеќе сакав да поверувам во супериорните отковувачки способности на мојот нов алпинистички чекан отколку во слабоста на обезбедувањето). Стигнав на сидриште, се разбира Никола беше видно вознемирен не толку поради себе колку поради мене и моето (не)искуство на ваков терен, но јас го уверив дека ментално бев подготвен за вакво нешто.

Направивме мала пауза за да го разгледаме теренот пред нас. Никола касна малку од бурекот кој го носеше в ранец, колку да се смири – за да си дојде на себе.  Се наоѓавме отспротива големата пештера каде што ЦСК и Воскресение се раздвојуваат. Упорно не можевме да ги здогледаме двата бели камени блокови кои требаа да ни го откријат траверсот што водеше кон петтото сидриште, па Никола тргна угоре по Воскресение. Но се вративме на оригиналната идеја откако пристигнав и јас на една полица над која беа вковани два клинови на Зоран Мајсторски, и од каде што се гледаа тие блокови. Се симнав назад до четвртото сидриште, одново заковав клинови и Никола продолжи по траверсот. Тоа всушност беше најинтересниот дел од насоката оти одиш хоризонтално, газиш на едни израснати треви под кои камењата се ронат и едвај те задржуваат а фаќалиштата ги нема никаде – само една мазна плоча која всушност е и причината што траверсираш и која ти служи само како потпирач.

Тука ми се случи и вториот пад, каде што единственото место за држење/стоење беше една надвисната тревичка. Стапнувам со десното стапало на неа, а таа се клати не ме додржува, си велам набрзина ќе го искористам безтежинскиот момент – ќе ги заменам нозете и ќе се фрлам кон едни издадени блокови. Но, во таа блиц секунда, одеднаш сета земја во која се всадила тревичката ми се најде на лицето и во устата и сватив дека паѓам. Како што паѓав четири метра во превис се извртев и плеснав со ранецот во карпа и онака висејќи и треперејќи ми се отвори прекрасниот поглед кон Пелагонија. Се смирив неколку секунди, свикав дека сум добар повеќе пати и се вратив нагоре на траверсот и стигнав на петтото сидриште.

Подоцна-погоре свативме дека траверсот можеше да се избегне со тоа што од четвртото сидриште се продолжува нагоре по Воскресение и наместо в лево како што те носи насоката по кулоарот, продолжуваш нагоре уште дваесетина метра по ронлив терен и стигнуваш до една тревеста рампа која те спушта до петтото сидриште. Односно излегуваш над големата плоча која ние ја траверсиравме по нејзината основа. Оттаму продолживме по дијагонала по едно плоча со микро фаќалишта со што насоката не врати во оригиналниот централен солунски кулоар. Тогаш и заклучивме дека Никола направил нова варијанта на насоката т.е. ја увидовме нашата грешка при ориентацијата – поради комплексноста и ронливоста на теренот сметаме дека тој (клучен) дел беше со тежина 6+ по УИАА. Следните две должини на јаже се поминуваат низ кулоарот – терен нешто постабилен од претходниот.

Тука се наоѓа и друга вертикална пештера која се поминува расчекорен над нејзиниот отвор и каде што навистина доживеав несекојдневен страв. Цело време ги имав под контрола моите движења (има мали полички по рабовите на отворот каде што газиш како на скалички) но стравот од пад во непознатото во темнината беше преголем – искрено малку пуштив водичка. Седмото јаже и осмото јаже се поминуваат брзо низ главниот кулоар – во лесен жлебест терен исполнет со ситнеж од раздробените камења што се слеваат од големиот амфитеатар (низ кој поминува осмиот цуг). Тука многу внимателно водев бидејќи секое камче и камен кој ненамерно повеќе го нагазнував се тркалаше надолу директно кон Никола, а теренот е таков да немаш каде да се засолниш.

Во амфитеатарот се продолжува во десно по еден жлеб, низ кој по дваесетина метра се стигнува до претпоследното сидриште во насоката. Последниот цуг, иако јака четворка (можеби и детали петка) е најопасниот дел од ЦСК според мене, како поради неговата мината „тенденција да кине јажиња“ така и поради екстремната ронливост. Всушност, се качува не толку тешко – по еден од излезните жлебови – мешавина од лабави камења и тревнаста подлога – каде што си расчеречен постојано де со рацете де со нозете поради побезбедно движење. А особено поради безбедност на вториот качувач, кој мора постојано да биде на штрек зашто жлебот не е праволиниски и комуникацијата е отежната. На крај на последниот сантиметар од шеесетметарското јаже (јас од сидриштето се поткачив уште три метра) се наоѓаат двата експанзиони клина на самиот раб од карпата.

Презадоволни од постигнатото, се упативме кон домот Чеплес каде што малку каснавме и се одморивме половина час па продолживме по патот кон Нежилово и назад возење до Скопје. Точно 24 часа најќејфски и со големо уживање потрошивме за оваа авантура. Насоката ЦСК (варијанта) во должина од 450-500метра, шест плус по УИАА, со средна оценка петка, ронливоста на места голема, први ја искачиле В. Боцевски и неговите другари. Ние ја качувавме слободно 7 часа, не сметајќи ги 50тината минути солирање до првото сидриште, од 9:30 изутрината до 16:30 попладнето, во идеални временски услови, температура од околу 19-21 степен, со нежен ветер, претежно во сенка (некаде поради конфигурацијата на теренот а некаде поради облаците кои се појавија околу пладне накратко). Одмори практично и не правевме туку цела насока ја качивме во еден здив.

ЦСК е прекрасна насока за созревањето на еден алпинист, оставен целосно на своите способности, во принцип е лесна за ориентација но единствено треба да се внимава на ронливоста во поголемиот дел од истата (ова секако зависи од многу фактори, не секогаш се повторуваат истите услови). Пресреќен бев што успеавме да ја искачиме во чист алпски стил. Одбрав да ја споделам оваа животна епизода бидејќи предизвикот од планината, искуството од страв од непознато, приликата да ги поместам личните психофизички граници – силно влијаеја да ме обликуваат во она што сум денес. Сонот да качувам насекаде во Нежиловите спили стана реалност која и до ден-денес е обвиена со магична прашина во моите сеќавања. Тоа е мистично место вгнездено во срцето на нашата држава, недопрено од секаква цивилизација, неизгнасено од простота и суети, место каде што личните проблеми се неважни – место кое те открива до коска – до срж. Место кое е дел од моето срце.


Автор: Дејан Крле