Формата и суштината на себеспознавањето – Леана Таќи

Не знам како се почнува текст чија форма и должина, суштина и поента ти се токму ова: бел лист. Исто, не знам како се отвора душата до степен да успееш да му доловиш на секој поединечен читател токму она што сакаш – чисто добронамерно, така што тие би ги избегнале грешките кои ти си ги направил… Јасно ми е дека е скоро невозможна мисија, но ќе се обидам. Можеби ќе детектирате доза на тага во она што го пишувам – и таа се должи само на тоа што конечно си признав дека некои од работиве ги направив малку наопаку.

Сосема несакајќи, мојата вечна желба (како и на секое тинејџерско девојче) да бидам слаба – заврши со бесконечниот пат на себеспознавање. Најпрвин поминав неколку години во гладување и ненормални отскокнувања во килажата, а потоа го открив спортот. Одев на Водно, вежбав пилатес – а бидејќи не сум љубител на спортски активности во големи групи – најмногу вежбав дома. Во животот, знаев дека ме бива за музика… и математика и јазици. Никогаш за спорт. Цел живот ме убедуваа дека сум екстремен анти-талент за спорт. Кога бев на пост-дипломски во Амстердам, гледајќи дека сите трчаат и возат точак, решив дека можеби сакам да го пробам и тоа. И ми се допадна. Не само дека слабеев, туку и почнав да се чувствувам помалку меланхолично, па дури и весело. Се вратив во Скопје – и успевав и покрај ноќните свирки да станувам рано и да двојам бар еден час во денот, 3-4 пати во неделата за спорт.

Во кругот на моите блиски луѓе – не се сеќавам од колку одамна постоеше Дуци, Душко Величковски. Никоја приказна за спортот не може да ми помине без да го спомнам – бидејќи беше најдобриот другар и најдобриот тренер кој некогаш сум го имала. Тој беше мојата вечна инспирација и засекогаш човекот кој ме поттикна посериозно да се занимавам со спорт. Дуци беше првиот Македонски IronMan финишер и не сум сигурна за ова, но мислам дека сé уште го држи Македонскиот рекорд. Гледаше дека трчам и уживам во тоа, знаеше дека повремено знам да отидам на Водно со точак, знаеше дека обожувам пливање… и од време на време ќе ми кажеше: „лелеее ама би ти било лесно во триатлонов тебе, ти сакаш пливање, јас одвај се терам да пливам“. Ме натера 4 недели пред Скопски маратон 2010 да се пријавам на полумаратон, да го завршам солидно како за почетник и да не престанам секоја година да го трчам како мојот АПСОЛУТНО најголем празник во годината, до ден денес. Ме научи и околу тренинзите на сила (strength training, се извинувам за слободниот превод). Тој ме инспирираше и да станам првата жена во Македонија која има завршено 140.6 IronMan настан, во септември 2015 година, на прекрасната Mallorca, Шпанија. Годината пред тоа, завршив еден 70.3 настан во Zell am See, Австрија. Уште веднаш видов дека направив премногу, прескоро. И двата настани ги завршив со повреди кои ме оневозможија да тренирам некој период – па така некако прогресот ми одеше многу споро – а сакав да бидам побрза. Не знаев зошто, само знаев дека сакам. И правев сé повеќе, постојано. Заборавив да се забавувам, мислам дека ја изгубив по пат причината зошто почнав да спортувам. По големиот IronMan се стекнав со повреда на стапалото (3 во една) – и не можев да трчам скоро година и пол. Пливав и возев велосипед. Имав уште една незгода на велосипед. Бев нападната за време на една долга вожња… и веројатно тука некаде почнав да се соочувам со сите овие препреки кои ми доаѓаа на патот. Се сконцентрирав на теговите некој период. Едноставно чувствував потреба да се чувствувам посилно. Целиот овој период, Дуци работеше како тренер на Бали. Со постојани онлајн совети околу храна, тренирање, одмор… Не го слушав, продолжував тврдоглаво по свое. Кога се врати од Бали, почна да ме тренира. Генерално, работевме на сила бидејќи после 7-мата повреда признав дека веројатно тоа ми фали (тогаш сé уште не бев длабоко навлезена во спецификите на женското тело и нутриционизмот, посебно кај жени кои спортуваат).

Лани во мај, еден ден пред Скопскиот маратон, Дуци почина, оставајќи зад себе многу скршени луѓе на кои ќе им недостига засекогаш. Во тој период активно работевме на припреми за мојата следна трка. Бев пријавена на 70.3 IronMan во Словенија, во сетпември 2018 (прва спонзорирана трка во животот, како дел од мојата соработка со Пелистерка и календарот за 2018). Не си дозволив пауза. Поминав 2-3 месеци без ниту еден ден одмор, на диета со многу малку јаглехидрати и во состојба на постојана исцрпеност. Колку повеќе спортував, толку формата ми стануваше полоша. Ги препознавав симптомите на претренираност, но некако не можев да застанам. И веројатно погодувате што реши телото да ми приреди. Се повредив пак. Отидов во Словенија, стартував на трката – но дел од мене знаеше дека таа мисија е осудена на пропаст. Целиот период пред Словенија имав постојани болки. Едноставно почнав со сила да одам на тренинзи. Неколку пати ми се случи да стигнам на базен, да се паркирам, да поседам пола час и едноставно да не можам да влезам да пливам. Или да тргнам да возам точак и за 7 минути да се вратам назад. Или пак да поминам 100 км во болки и екстремно негативно расположение (подоцна сфатив дека ова се многу чести симптоми кај жени кои се бават со овој тип на спортови и се лишат од јаглехидрати во исхраната). Стартував, испливав супер… извозев подобро од претходната година – и не бев задоволна. Сакав повеќе. И во еден момент застанав и едноставно, не можев да почнам да трчам. Сфатив дека се измачувам, дека ја изгубив поентата и дека буквално на никој немам ништо да му докажам. Не можев да разберам зошто се борам со себе. И одеднаш почувствував сé: болката за Дуци, пропаднатата врска, стресот на редовниот живот, стресот околу музиката – во главно целиот стрес кој си го наметнував сама на себе – во постојана трка со тоа што сум и тоа што мислам дека сакам или треба да бидам.

Емотивната болка не се лечи со физички напор. Да, ти станува подобро моментално, но не ги решаваш проблемите. Женскиот организам функционира поинаку од машкиот – не сме послаби, едноставно сме поинакви и ни треба различен тип на тренинг во различни делови од месецот. Диетите се глупост. Секој може да заврши IronMan. Секој може да направи буквално сé што ќе науми. Воопшто не е тешко. Но треба посебна храброст за да си признаеш дека си згрешил и дека ќе треба да почнеш од ново. Потребна е ОГРОМНА храброст за да почнеш да живееш свесно и будно.

Спортот ме научи на БУКВАЛНО сé што сум во моментов. Освен она со себеспознавањето, ме научи на дисциплина, ме научи на здрава исхрана – дури и ме научи да можам да се спремам за излегување за 18 минути – со сé сушење коса, шминка и дотерување! И покрај тоа што сум примарно музичар и деновиве ја завршив за мене најважната трка – мојот прв студиски албум со АнтиарТ – ништо од ова немаше да се случи да не постоеше спортот.

И да, го сакам триатлонот – ги сакам и теговите. Сакам и јога. И планини. И кучиња. Сигурно ќе се тркам пак, веројатно поскоро отколку што ми изгледа во моментов. Чекам само да ми станат уште малку појасни – и формата и суштината.


Автор: Леана Таќи