Ова што го правам во моментов е дел од друмскиот велосипедизам и се чувствувам како да сум паднат од Марс во него. Буквално до пред година-година и пол, никако не се гледав себеси на друмски велосипед. Возењето по асфалт беше супер спротивно на мојот нешто повеќе од дводецениски порив да сум во природата и во планините – било тоа да е за шеткање, качување, скијање или возење планински велосипед. Еден ден во продавницата во која работам (outdoor.mk), ни дојде човек кој со својот физички изглед, но и преку погледот, оддаваше впечаток дека „поминал низ нешто“. Дојде на друмски велосипед со многу мали торби на него, купи уље за подмачкување, а во краткиот разговор кој го имавме, ни кажа дека вози од Белгија кон Истанбул во една трка – во која мора целосно да е сам на себе, не смее никој со ништо да му помогне, возел не знам 600км без да застане до тој момент итн итн. Ми остави силен впечаток со дивиот поглед во него: нешто му се случуваше – како на физички, така и на психички план. Морав да пробам! Така почна сè: купив друмски велосипед и од старт моите возења беа со таков фокус: да возам што подолго, сам и да почнам да поврзувам денови. Но – и да уживам (по можност), посетувајќи места кои до тогаш не сум ги видел. Мислам дека ваквите возења/трки се одлична комбинација од интензивен психо-физички напор и туризам.

Не сум сигурен од која граница некое велосипедско возење или трка станува „ултра-долго“, но во овој концепт на мене најважен момент ми беше тој другиот: „Без поддршка“, а тоа значи дека за време на возењето не смее да има тим кој со возило би ме следел или на било кој друг начин би ми овозожувал поддршка од секој аспект на логистика и за време на трката, секој возач треба сам да си организира сè и да се грижи сам за сè: храна, сместување, нега на велосипедот и своето здравје итн. Следејќи ги овие организирани трки, јас во последната година и половина одбрав три во кои концептот беше таков – целосно сам да се справуваш со сè и трите беа со различни должини: трката низ Хрватска со должина од околу 1450км, која ја завршив за скоро три и пол дена, трката од Италија до Норвешка со должина од околу 4350км која ја завршив за околу 12 и пол дена и овогодинешната трка околу Холандија со околу 1850км која ја завршив за нешто под 5 дена. Математиката кажува дека генерално на пократките две сум возел со некој просек од околу 380-390км/ден, а во таа подолгата околу 350км/ден, што беше доволно за да финиширам во првите 9-11 возачи во нив. Но, секако за време на возењето не се сведува сè на таква едноставна математика, бидејќи сите три трки, но секако и многу други низ светов – имаат многу различни профили (некои се порамни, а некои поридести), имаат различни временски услови (некои се во топли месеци од годината, некои се случуваат за време на лоши временски услови, изразено ветровити денови..) итн., итн. Така што секоја трка треба да се набљудува како сама за себе – па и од година во година. Едноставно подготовките треба да течат независно што би можело да се очекува за време на трката, а за време на нејзе пак – да се грижиш за себе да стигнеш до финишот жив и здрав во што пократок период: некоја година тоа ќе значи за 300км/ден, некоја друга пак можеби за 400км/ден. Тоа што сакам да го нагласам е дека никогаш не влегов во нив со цел да се тркам со другите учесници, туку да се обидам да го дадам максимумот за самиот себе и да се надминам самиот себе. Завршувањето во првите 10 беше чиста случајност.

За повеќе да уживам во трките се обидувам со чувствата и емоциите да расчистам до пред почетокот на трката/возењето. Се работи за некакво внатрешно програмирање: што и да се случува, доколку можам да го решам – да го решам, без посебно чувство кон него, туку што побрзо и поефикасно и да продолжам да возам. Ако се случил некаков дефект или сум имал пад – да го поправам, да се исправам и да продолжам. Нема потреба од чувства и емоции во такви моменти. Можат да бидат само контрапродуктивни. Мислам дека некои психо моменти кои сум ги имал при искачувањата по тоа карпите и мразевите во изминатите години, ми имаат многу помогнато на овој план. Многу често ми се случувало во некое подолго искачување, да почнам да разгледувам каде сум дури од втората половина нагоре и тоа само на моменти – останувајќи целосно фокусиран на тоа што го правам во моментот, додека не стигнам назад на безбедно. Така и при овие трки: од моментот на стартот до пристигнувањето на целта – ајде да не речам, не ме интересира ништо друго освен да ги вртам педалите, да си го слушам телото, да се грижам за основните работи за мазно работење на велосипедот. Сè  друго е одвишок.

За да успеам да стигнам до горенаведеното, имав среќа детството да ми се случува пред посилниот налет на компјутерите и другите тракатанци кои (барем таква е перцепцијата денес) ги држат далеку денешните деца од играњето криенка, сервис, фудбал пред зграда итн. Имав среќа детството да ми се случува во делот од Скопје – Кисела Вода, во дел од населбата кој е релативно блиску до Водно, а погледот од собата преку паркот пред зградата да ми е свртен кон планината – која пак често ја посетувавме трчајќи по патеките кон напишаното „Тито“ (се сеќава ли некој на ова?). Исто така, по таткова страна, моето потекло е од Богомила и моите ме носеле под Даутица и Јакупица уште како бебе. Од кога знам за себе – играм нешто т.е. спортувам и тоа е дел од мене толку што навистина одмор за мене претставува едноставно – промена на активноста. Нема застанување! Тоа што се случило само е тоа што влегов од изразено натпреварувачки спортови од периодот на средношколските денови (фудбал, одбојка..) во ненатпреварувачки спорт – алпинизмот, кој беше доминација во мојот живот во изминатите две децении и тоа веројатно се должи на љубовта кон природата која сум ја развил како дете – играјќи со другарите или на Водно или дружејќи се со дечињата од Богомила, низ планинските предели за време на моите посети таму. Алпинизмот го практикував токму така: учев да бидам што посамостоен во секаква планинска средина и во секакви временски услови и тоа верувам денес ми помага и за време на гореспоменатите трки.

Иако во моментов главниот фокус ми се ултра-долги велосипедски трки без поддршка, сепак најголемо влијание врз мене остави алпинизмот кој почнав да го работам во 1998мата. Среќен сум што луѓето од кои учев во овој ненатпреварувачки спорт, научив дека е многу поважно да правам побавни, а посигурни чекори отколку брзи, а со тоа можеби и избрзани чекори. Дека патот е многу поважен отколку стигнувањето до некој врв по секоја цена. Среќен сум што растев секојдневно водејќи се од важноста на етиката и стилот во качувањето и тоа остави неизбришлива трага врз мене во секој аспект од моето живеење, но и во начинот на кој практикувам било што друго понатаму во животот – како на пример еве сега и изборот на учество во овие трки. Тие почиваат на џентлменство и нема награда на крајот – ниту за првиот финишер. Тој не е ни „победник“, туку едноставно – „прв финишер“. „Победници“ се сите учесници кои ќе завршат, надминувајќи се себе си во условите, во кои ќе ги затекне трката. Себенадминување врз етика и стил – е нештото на што почива сè што работам во спортот во изминатите две децении и не ме интересира можноста да направам навидум подобар резултат на сметка на газење врз тие принципи. Неприфатливо ми е тоа „Целта ги оправдува средствата“ – бидејќи сакам мирно да си спијам навечер. Овие трки во голема мера го одвлекоа моето внимание кон било што друго еве веќе скоро година и половина, што е и логично, бидејќи требаше да се посветам на специфични подготовки за нешто што никогаш не сум го правел претходно. Сега веќе мислам дека би можел подобро да балансирам помеѓу алпинизмот и велосипедизмот и би сакал барем еднаш годишно да можам да извозам некоја ваква трка, а и да качувам. Во моментов немам цел: сакам да се вратам на качувањето полека и да направиме едно искачување со сопругата, која несебично ме поддржува во сите мои авантури, кое го мислиме долго време. Ништо тешко – едноставно бидување во прекрасна планинска средина. За нашите досегашни искачувања можете да читате на alpinizam.org, а за моите возења на cyclinginceleste.com – како на сајтовите, така и на соодветните платформи на ФБ и Инстаграм.


Автор: Игор Талевски