Во моето детство никогаш не сум се занимавала со некој спорт. Започнав со рекреативно трчкање и тренирање во теретана релативно доцна, на 19-20 год. На тој начин се одржував во форма. Во тој период не знаев ништо за македонската атлетика, за трките кои се одржуваат,  ниту пак помислував дека некогаш ќе трчам на некоја трка. На 24 год. во Април, 2015 год. се пријавив на првиот полумаратон, воедно и моја прва трка воопшто. Тоа беше трката “Трчаме кон целта” каде истрчав за 1:51 мин. Не познавав никого, дојдов, истрчав и веднаш штом ја поминав целта си заминав. По неколку дена на социјалните мрежи прочитав дека ме бараат за да си ја подигнам наградата – сум завршила 5-та, а на трката имаше награда за девојќи до 5-то место. Се зачудив, мислев дека е некоја грешка бидејќи имаше доста девојќи кои беа пријавени на таа трка. Тоа ми даде мотивација да се пробам и на други трки. Многу брзо, во Ноември истата година го истрчав и мојот прв маратон на „Првиот Поштенски Маратон“ во Прилеп. Таму завршив 3-та и тоа беше едно прекрасно искуство за мене,  кога за прв пат ги истрчав тие 42 км. Сите чувства кои ги имав додека трчав, сите мисли кои ми се вртеа во глава… тоа е нешто што  се доживува само на маратон. Значи, дотогаш немав некој план и посебна подготовка за тој маратон ниту посерозни тренинзи. Трчав отприлика 4 пати во неделата, со темпо и должина кои ми одговараа во моментот кога ќе излезев да трчам. Уживав во трчањето и едноставно знаев дека можам да ја истрчам таа дистанца. Така и беше, ја истрчав без некои потешкотии и сфатив дека  долгите дистанци се дисциплини во кои се пронаоѓам.

Набргу забременив и не можев да го прифатам фактот дека „треба” да мирувам. Во текот на целата моја бременост не престанав да трчам и тоа беше причина плус да уживам во тие моменти уште повеќе. Морам да напоменам дека имав лесна бременост без никакви проблеми, па чуствував дека можам да продолжам со тренирање. Не сакам да дојде до недоразбирање дека им сугерирам на идните мајки да трчаат за време на бременост, но сакам да ги мотивирам да си го слушаат телото кое само си кажува што му е потребно. По раѓањето на мојот син почнав да правам посериозни тренинзи. Како прва цел ми беше „Скопски Маратон“ кој успеав  да го истрчам во време кое целев, со пласман 3-то место во македонска конкуренција. Тоа ми е еден од позначајните успеси. По него следеа неколку маратони (Атина, Врање, Охридски). Дознав за ултра треил трки. Имав голема желба да се подготвам и да завршам некоја таква трка. Така во 2017 год. се пријавив на 64 км на трката „Крали Марко” во Прилеп. Уживав во подготовките за таа трка, како и на самата трка. Планинските трки се многу поразлични од оние на асфалт. Таму прекрасен е секој момент, во текот на целата трка, колку и да е тешка. Сепак, природата си го прави своето. Пределите на кои се тренира и на кои се одржуваат треил трките се прекрасни, па не можеш да не се заљубиш во планинското трчање. Посериозна таква трка беше „Истра” во 2018 година каде учествував на трката од 110 км. Успешно завршена, знаев дека следуваат многу такви трки. И следеа…

Наредна желба ми беше ултра трка на асфалт. Ми се отвори прилика да се пријавам на трката „Маратон Маратона” на 24 часа. Знаев дека сум подготвена (физички и психички) и воопшто не размисмислував. Трката беше оваа година во Март. Воедно беше и наше државно првенство на 24 часа. Со истрчани 180 км, трката ја завршив прва во македонска конкуренција со нов национален рекорд и втора во генерален пласман. Искрено, целев на повеќе километри, но во тој период од 24 часа има многу работи кои не може да се предвидат. Имав и кризен период.  Во тие моменти кога ми беше најтешко ми помогнаа Дарко (my men), Виктор (еден е брат) и Сања (најјака снајка) кои не дозволија ни да помислам на откажување. Луѓето останаа цела трка со мене на стаза. Интересно беше дека сакав да се сокријам од нив некаде околу 3 часот по полноќ, да влезам во кафулето кое беше на стазата за да се стоплам и да поспијам без да ме видат – додека они се смрзнуваа надвор. Се плашев дека нема да ми дозволат да одморам. Ме фатија (Дарко и Пирко), хаха. Сега не можам да се изнасмеам, но тогаш веројатно веќе не сум била при здрав разум. Со оглед на тоа дека ми беше прва ваква трка на која не знаев што да очекувам презадоволна сум и со овие 180 км. Чудни се ваквите трки, кога ги гледаш учесниците околу себе дека се при крај со сите физички сили, со сите резерви – во буквална смисла, но сепак продолжуваат, не се откажуваат. На таква трка се бориш сам со себе и со сопствениот ум. По таа трка сфатив дека не сме ни свесни за нашата храброст, истрајност и моќ. Сфатив дека граници не постојат, границите си ги поставуваме самите.  Во текот на овие неколку изминати години запознав многу луѓе кои ми го потврдиле тоа, од дечиња на најмала возраст кои знаат да се борат на трка и да бидат поиздржливи од повеќе возрасни искусни спортисти, па до повозрасни луѓе кои во своите +60 години постигнуваат подобри резултати од многу млади трчачи.

Се радувам што и по таа трка успеав солидно да ги завршам трките кои следуваа, треил трката „Водно-Матка“ на која се пласирав трета, па повторно полумаратонот на кој започнав – „Трчаме кон целта” (личен рекорд) и уште еден „Скопски Маратон”, истрчан со личен рекорд од 3:20 мин и второ место во македонска конкуренција. Следуваат неколку треил трки и тренинзи како подготовка за трката „Лаваредо“ во Италија на крајот на Јуни. А по неа, се надевам уште многу МНОГУ ултри. Tренинзите морам да ги комбинирам со останатите секојдневни обврски. Реално, редовното работно време, семејството и трчањето го пополнуваат речиси цело мое време. Она малку што останува обично го трошам за по некое пивце и квалитетно поминато време со драги пријатели. Реалноста е таа, некогаш мораме и да се откажеме од помалку важни работи за да оставиме простор на нашите приоритети. Јас само се надевам дека ќе можам цел живот да уживам во трчањето бидејќи тоа е дел од мене, ме исполнува, ме ослободува од цела негативна енергија и ме прави подобра личност.


Автор: Катерина Шиповиќ