Влегувањето во велосипедските води за мене беше сосема случајно и непланирано. Летото 2009 година  беше пресвртница во мојот однос кон овој спорт. До тогаш велосипедот го користев најчесто како превозно средство и понекогаш знаев да извозам некоја тура колку за разонода. Таа година се случи „кам бекот“ на легендата Ленс Армстронг на „Тур де Франс“ и се сеќавам дека 20 дена бев „залепен за телевизор“ гледајќи го како ги совладува легендарните алпски брда. Откако заврши трката, сеуште фасциниран од Ленс, ја здогледав Македонската репрезентација на тренинг камп во Охрид. Сето ова ми беше мотив сериозно да навлезам во круговите на велосипедизмот и некако станав зависен од „допаминот“ и „ендорфинот“ после секој добро одработен тренинг. Едноставно кажано велосипедизмот е еден вид на „дрога“, на која јас се навлеков.

Па така наредната година, решив да се пријавам на некоја официјална трка и се најдов на стартната линија на „Гази Баба“. Како секој млад човек (тогаш имав 15 години) бев полн со адреналин и едвај чекав судијата да го означи стартот и јас да се покажам во најдобро светло. Трката започна ама јас не успеав да ја завршам бидејќи имав проблеми со алергија на полен. Иако мојата кариера не започна најдобро си кажав самиот на себе дека ќе се вратам и ќе си докажам дека можам ова да го извозам. Уште на старт ја научив најтешката лекција дека не секогаш работите се одвиваат како што ние сакаме, секогаш постојат надворешни фактори на кои ние не можеме да влијаеме, и тоа не треба да не оптоварува. Гледајќи од денешна перспектива дури и се сметам за среќен што толку рано сфатив дека со истрајност и упорност ќе дојде трка на која се ќе биде како што треба и ќе го постигнеме најдоброто од себе.

Во текот на кариерата имав уште многу падови и разочарувања, дури и моменти кога сум рекол доста е, се откажувам. Се сеќавам дека требаше да учествувам на европско првенство, поминав низ макотрпна тренинг програма и на 20 – тина дена пред европското бев на планинска трка каде што имав пад и доживеав лоша повреда (искинати мускулни влакна). Неколку дена не сакав да зборам со никој и не сакав да се гледам со никој. Не можев да се помирам со фактот дека нема да учестувам и имав чувство дека целиот вложен труд бил за џабе. Нормално времето помина, мускулот заздраве, дојде наредна сезона, се објави распоредот за трките заедно со пропозициите и се разбира јас почнав да правам планови за тоа каде да учествувам, а со тоа и очекувањата се креваат за ниво погоре. Никогаш не сум тактизирал на трка, да се штедам, да возам повнимателно и слично. Не верувам во максимата „битно е да се учестува“, по мене секогаш треба се дава максимумот и да се цели на победа. Иако многупати луѓето ми велеле дека сум премногу строг кон себе, но јас некако се навикнав најдобро да функционирам под притисок. Најдобрите резултати сум ги постигнал кога напорно сум тренирал и 100% сум се посветувал на секој тренинг, а паралелно сум работел и студирал. Најверојатно поради тоа што сум немал време премногу да размислувам, туку сум бил 100% фокусиран на целта, а чуството на слобода на велосипедот ми помогнало да истраам во сето тоа. Па така успеав да станам државен првак во планински велосипедизам, државен првак во хронометар и како мој најголем успех можам да го издвојам 22-то место на европското првенство во велосипедизам.

После поминати речиси 10 години на велосипед сфатив дека велосипедизмот ми ја дава слободата и претставува еден вид на терапија од секојдневните стресови што ги носи животот. Јас по природа сум интровертна личност и тешко се справувам со секојдневните гужви на модерното време, токму затоа најубаво ми е кога ќе ги облечам велосипедските патики и ќе се најдам што подалеку од луѓето и бучавата. Знам дека поради ваквиот животен стил имам пропуштено многу работи што луѓето ги сметаат за „нормални“ како што се излегувања до доцна навечер, седење на плажа со друштво и слично, но од друга страна се стекнав со особини на дисциплина, ред и самостојност кои што и те како ми помагат во исполнувањето на секојдневните обврски. Можеби моите постигнување не значат ништо на светско ниво, сепак за мене преставуваат доказ дека со напорна работа и тренинг може да си ги поместите сопствените граници. Со оглед на тоа не сакам да ги откривам моите наредни планови и цели, само ќе кажам дека секогаш сметам дека може и треба подобро.


Автор: Левент Рифат