Сурова убавина – Мери Мирческа

Мери! Запри, па не си на тркa. Да не си го надминала водичот. На секое планинарење истиот муабет, како може да одат волку споро, си викав. Леле, пак ќе одмараат, ова повеќе не се трпи. Неколку години се занимавав со овие проблеми при планинарењето со тие прекрасни луѓе, ама сепак со нетрпение чекав да дојде следниот викенд за повторно да му ја киднам на планина. Колку долга ми се чинеше седмицата. Ех, како ли не одиме барем 5 пати неделно на планинарење. Ах…

Сама во планина?! Па ти си луда! Таму има диви живитни, страшно е! Не смееш да помислиш да одиш сама! Нешто страшно ќе ти се случи таму. Јас немав поим, идеја, претстава дека може и сама да си појдам во планина кога сакам и колку сакам. Моите другарки не се само планинарки, туку и полумаратончиња трчкаа. Ме пријавија и мене, а јас во животот немав никогаш трчано. Ниту пробано да трчам. Истрчав полумаратон од кај 10 часот до 12, потоа се пресоблеков и во 13.30 си појдов на работа. Па убаво и лесно било ова си реков, ама асфалтов ме нервира некако.

На тој маратон здогледав една симпатична пресериозна фаца. Сите пријатели стоевме во круг, а тој сам на страна. Се договаравме да сме почнеле да трчаме заедно ама на планина. “А може ли да се трча и на планина?!” Еј, супер така. Јупи. На трчанката еве го и тој , трча прв, па трча и на угорницата на Козјак. Леле, си помислив, ова можно ли е?! Почнавме да трчаме се почесто заедно со него. И се подолго. Трчавме од Прилеп до Велес, од Прилеп преку Козјак до Црна Река, од Прилеп преку Мукос, Десово, Дупјачани, Трескавец до Прилеп. Абе имало  трки во светов и по 160 км, се трчало и ноќе, нон стоп до финишот. Најпозната некоја светска трка била „UTMB“.

Од тогаш, па се до ден денес, овие зборови не ми дадоа мира во животов. Ноќта проверив на интернет што е тоа и останав цела ноќ да ги гледам видеата на „Youtube“ со снимки од трката. Тренинг. Тренинг. Тренинг наутро, навечер, на сонце, на пекол, на дожд, на грмотевици, во кал, во снег, на ветер. Пред работа, по работа. Не баш секој ден, ама 5-6 пати неделно. „Не бе, ти не си нормална како издржуваш“. „Прибери се дома.“ „Ќе настинеш.“„Ќе добиеш болест некоја“. Бла бла бла…

Трчам. Ноќ е. Прекрасно е. Дојде зора. Прекрасно е. Денот е прекрасен. Дојде ноќта повторно. Уште трчам. Вторава ноќ малку ми е потешко нешто. Што ми е?! Ама убаво е тука на врвов на планинава . Магично. Сами сме јас и планината. Што ако е во странство, непозната планина за мене, ја чувствувам толку блиска и искрена природава. Колку убаво мириса. Колку е убав ветров. Колку се убави небово и ѕвездиве. Трчам. Малку ми мириса на дивеч. Најдобро е да си пуштам музика гласна да не изненадам некоја мечка вака. Мислам дека музикава ќе помогне ни таа да се исплаши, ниту јас. Малку ми е страв па ќе си пеам. Ајде малку погласно да си пеам. Овај патов ретко оден, не е многу разгазен некако. Диво е овде, дивотија. Колку е сурово. Колку е убаво. Колку е неповторлив овој момент, јас, планинава и ноќва сами, се запознаваме, се осознаваме… Немам многу време, морам да брзам. Дојде ден пак. Не јадам повеќе. Не пијам. На секаде гледам мајмунчиња и верверички. Си скокаат. Гледам едни луѓе си седат на тераса и си пијат напитоци. Се смејат. Не, не. Нема такво нешто тука на планина. Халуцинирам. „Здраво“ – им велам. Веќе не ни одам. Закочив. Не телото, душата ме боли. Ме уби сонцево. Здогледувам крави кај што пасат под врв планина. Има таму едно изворче и вирче кај што пијаат вода кравите. Појдов таму, се наведнав, водата кафенка, но вода. Се изнапив. Се изладив. Оживеав. Продолжив. На 150 км конечно здогледувам мила позната фаца. „Ајде“ ми вика. Сакаш да полудиме од грижи. Ајде! Ма каде си ти?! Колку радост ми надојде и среќа ме облеа. Луѓето што ме поддржуваат. Моите мили и драги луѓе.


Автор: Мери Мирческа