Да ми кажеше некој пред десетина години дека денес ќе трчам маратони, ќе му речев „Ти да не сонуваш“, а денес не можам да замислам ден без да истрчам неколку километри.

Додека бев дете постојано игравме на улица, бев активен се додека не се запишав на факултет.Во тој период не наоѓав доволно време за спорт. После моето вработување како софтверски инженер, и постојаното седење пред комјутер, почуствував потреба од спортска активност. Благодарение на мојот тогашен колега, а сега мој кум, Иле, почнав во теретана, трчање на кеј на Вардар, искачување на Водно, возење велосипед и се ова трае до ден денес. Но, морам да признаам дека најдолгото трчањето ми беше 5 километри, не верував дека можам повеќе, мислев дека сум премногу спор и не се пријавив на некоја трка. Се до 2014та година кога се пријавив на „Скопски маратон“ на трката од 5 километри. Тогаш срамежливо застанав во средина меѓу учесниците. Почна трката, почнав да трчам, и сфатив дека можам побрзо и така на крај завршив во првите 40-тина учесници. Тоа ми беше мотив да продолжам понатаму, не само на 5км, туку и на многу подолги дистанции.

Секогаш кога гледав на телевизија некој светски маратон, се чудев како трчаат 42 километри, како може да трчаат толку долго, и ми беше фасцинантно колку многу луѓе учествуваат на вакви настани. Почнав да пребарувам на интернет информации за маратон, за тренинг, и вооедно читав инспиративни искуства од маратонци. Сакам предизвици во животот, сакам себенадминување, а трчањето маратон и тоа како ми се виде како одличен и голем предизвик пред мене. Откако го истрчав мојот прв маратон во Љубљана во 2015, апетитите пораснаа за нешто поголемо, да истрчам некој од светските маратони. Прв од нив беше Њујорк во 2016, потоа Лондон, Берлин и Чикаго во 2017, Токио и Бостон во 2018, со тоа успеав да ги комплетирам сите шест големи маратони во 18 месеци.  

Во тие 18 месеци поминав низ многу тренинзи, тешкотии, откажуања, обезбедување учество (претешко се обезбедува учество на овие маратони, преку лотарија или хумантирана организација), визи, парични средства, но се некако чудно се средуваше како што треба. Некој од „горе“ ги редеше сите овие коцки, но знам дека ако нешто посакуваш многу искрено и силно, ќе се најде патот да стигнеш дотаму. Најтежок од сите овие шест маратони беше Бостон. Бостон е најстариот маратон, со најголема традиција, сон на секој маратонец да го истрча, така и за мене, плус последен од шестте, со што ќе успеам да ја комплетирам таа „шестка“ од истрчани најголемите маратони во светот. Дотогаш ниту еден од Македонија не успеал да го направи тој подвиг. За мене тоа беше мотив плус да го направам.

И кога требаше да уживам во сето тоа, на два дена пред маратонот, временските прогнози беа од лоши полоши, температура околу нула степени, силен ветар со дожд и снег. Утрото кога се разбудив, си реков тоа е, толкав пат изоди, време е денес да бидеш силен и да дадеш се од себе и да успееш да завршиш, без да гледаш за колку време, целта беше само да се заврши. Во шест часот наутро веќе на стартот, измрзнат, мокар, а имам уште 4 саати до стартот. Гледав да останам смирен и самата помисла дека го трчам шестиот маратон, Бостон маратонот, ми беше доволен мотив да останам смирен. Почна трката, и се беше како сон, трчав најдобро до тогаш. Се сеќавам на крај кога го здогледав нашето знаме, солзите сами си дојдоа. Кога завршив со одлично време од 3 часа, кога го добив медалот за шестте истрчани маратони, бев пресреќен, плачев од среќа, од возбуда, од неверување што направив , каде сум. И до ден денес кога ќе снемам мотивација, ќе ги изгледам фотографиите од маратонот и прочитам што сум напишал после маратонот.

Не е лесно да работиш, да спремаш маратон. Често се случува во 4 наутро да излезам од дома, да одам на трчање (комшиите да се враќаат од ноќното излегување), да истрчам 35 километри, потоа да се спремам и веќе во 8 часот да бидам на работа. Во текот на денот да имам по неколку состаноци, и вечерта да направам втор тренинг во теретана. Луѓето на почеток не ме разбираа многу, често се случуваше да си одам дома во Пепелиште, Неготино, да трчам по улиците рано наутро, а моите комшии да одат на нива и да ми се чудат како може толку рано да станам да трчам, а да не одам на лозјето да работам. Исто и јас неколку пати се чудам како рибарите стануваат толку рано да одат на кеј на Вардар да ловат риби, а верувам и тие се чудат кога ќе не видат нас. Но ако нешто правиш со многу желба, љубов тогаш не е ништо чудно и тешко. Во ова игра најважно е да останеш здрав,  мотивиран и сето ова да ни прави задоволство. Гледам секогаш да најдам мотивација во СЕ, во споделени искуства од останати маратонци, од луѓето околу мене, и нормално од целта што сум ја поставил.

Трчањето стана дел од мене. Почнав да тренирам многу повеќе, многу повеќе да вложувам во трчањето, во сопственото тело, во исхрана, во знаење, да ја подобрувам техниката на трчање, и сето тоа ме прави еден добар посветен аматер-маратонец. Почнав моето искуство да го споделувам и со неколку тркачи кои сакаа да го искусат маратонот, да постигнат подобро време, и морам да признаам, дека сум воодушевен од нив, од нивната посветеност, послушност, и тоа колку го почитуваат моето искуство и познавање во маратонското трчање. Според мене најдобро се учи од некој што го искусил тоа, некој што може да ти укаже на што да обрнeш повеќе внимание без да ги прави грешките низ кои си поминал ти. Мислам дека секој од нас треба да си постави некаква цел и да се стреми да ја реализира. Така ќе сме многу повеќе фокисирани на себе и нема да ја трошиме енергијата за непотребни работи и на крајот од денот ќе сме посреќни и позадоволни од себе!


Автор: Атанас Наумов