Љубов на прв тренинг – Дарко Симоновски

Љубовта кон бициклизмот започна сосема случајно и непланирано. Во тој период доста бев „заразен“ со вежбање во теретана, одев барем 6 пати неделно, и решив да си купам велосипед што ќе го користам само како транспортно средство. Како одминуваше времето, во глава се повеќе ми се вртеше идејата кардио вежбите што ги правам во тератана да ги заменам со возење точак на отворено.  Нормално како секој жител од Скопје, првиот обид беше искачувањето на Водно, до Пантелејмон. Уште понормално беше тоа што овој обид беше релативно неуспешен, меѓутоа го разбуди инаетот во мене и решив дека ќе се „одмаздам“. Токму ова беше тригер да почнам да возам се повеќе и повеќе и некако почнав повеќе да уживам во овие мои кардио тренинзи.

Додека се „одмаздував“ запознав доста пријатели кои веќе активно возеа и кои ме упатија дека постојат и се организираат вожњи и на подалечни места како Скопска Црна гора, Караџица, Шапка, Св. Николе, па така од кардио надвор од теретана, се најдов на многу нови неистражени места. Тие вожњи не беа само онака „лабаво“ да се возикаш и сликаш, туку на одредени успони и делови од вожњата имаше трки меѓу нас, па се гледаше кој колку е добар и физички спремен. Со текот на времето станував се подобар и подобар, дури почнав да уживам да „страдам“ на велосипедот и да уживам во „болката“ на велосипедизмот.

На една од тие тури случајно го запознав Лазо Миновски, претседател на велосипедскиот клуб ЕБТС, каде што ми беше и првото зачленување во велосипедски клуб. Нормално кога веќе ќе се зачлениш во клуб почнуваш да размислуваш на едно повисоко ниво, постои една здрава конкуренција помеѓу членовите, кој е подобар, побрз и веќе сакаш да почнеш да се натпреваруваш на официјални трки. Со ЕБТС ги имав и првите натпревари во категорија сениори во планински велосипедизам. Купив подобар бајк, се редеа многу трки, дури и учествував на неколку балканијади. Во тоа време Лазе многу ме упати во натпреварувачкиот велосипедизам и сите тие трки имаа посебна енергија донесена од него, кој го познава ќе знае за што зборувам.

Со преминот во клубот „Енерџи“, работите почнаа да стануваат многу посериозни, почнав да тренирам според програма, да имам посебен режим на исхрана и сето тоа под менторство на Љубиша Кондев, кој е денешен селектор во велосипедската федерација во планински велосипедизам. Во Енерџи добив клубски роуд бајк за тренинг и уште на првите тренинг сесии увидов дека ова е дисциплината која ми одговара. Го имав она чуство како цел живот да имам возено роуд и како тренинг од 150 километри да е најприродното нешто. Токму чуството на исполнетост и пронаѓање себе си ми беше мотив да се посветам уште повеќе, бидејќи знаев дека можам да ги поместам сопствените граници и дека можам да напредувам во велосипедизмот. На почетокот возев МТБ и роуд, меѓутоа како поминуваше времето сфаќав дека е многу тешко да возиш и да се натпреваруваш во двете дисциплини. Едноставно ти треба многу време, многу тренинг, време потребно за адаптација од еден велосипед на друг и дека ако сакам да бидам стварно добар треба да се одлучам за едното или другото. Најтешкото нешто за еден спортист е кога треба своеволно да се откаже од одредено натпреварување. Го сфаќаш како предавање без борба, секогаш во глава ти се врти дека си можел на сите фронтови само требало подобра организација на време, малце повеќе ако тренирам ќе успеам и слично. Друг е моментот да паднеш, да изгубиш на трка, тогаш си свесен дека си направил грешка или едноставно не си доволно спремен и единствено нешто што ти преостанува е да се подобриш за наредната. Вака имаш грижа на совест дека не си направил се за да успееш. И покрај овие дилеми, се одлучив да се посветам само на друмскиот велосипедизам и целиот мој фокус да го насочам кон тоа. Кулминацијата на сиот мој труд, на сите тренинзи, сите пропуштени семејни викенди беше сезоната во 2016 година кога станав шампион во хронометар на Македонија. Тоа беше момент во кој си докажуваш себе си дека сите „страдања“ и „болки“ сепак се исплателе и дека си успеал да ги надминеш сопствените ментални и физички бариери. Секако дека победата на конкуренцијата е слатка, но сепак чуството на себенадминување е вистинската награда и доказ дека со напорна работа и вложениот труд се се исплати.

Велосипедизмот ми покажа дека најголемиот успех во живот не се наградите или првите места, туку карактерните особини на упорност, принципиелност и дисциплина што се стекнуваат во целиот тој процес се вистинските вредности за кои вреди да се вложиш максимално. Нема ништо подобро од чуството на духовна исполнетост и смиреност што ја добиваш после долг тренинг или завршена трка. Исто така со текот на годините сфатив дека мотивацијата е добра но променлива работа, некогаш ја имаш некогаш ја немаш. Она што вистински те одржува е да си поставиш цел (како на пример да бидам шампион во хронометар за 2019 година) и да бидеш дисциплиниран во нејзиното исполнување. Знам дека ќе биде тешко, дека ќе има успони и падови и нема да оди се по планот, но со напорна работа ниту една цел не е недостижна. Секако тука е битна и поддршката од најблиските, бидејќи они се еден вид на потпора и без нив сето ова би било залудно. Јас ја имам таа среќа што мојата сопруга, воедно и мајка на моите прекрасни две деца, потекнува од спортска фамилија и порано самата се има занимавано на професионално ниво со спорт, па точно знае што е потребно за да се успее и имам комплетно разбирање и поддршка од нејзина страна.


Автор: Дарко Симоновски