Цело детство го поминав во Матка. Се сеќавам, 10 јуни, јас доаѓам дома после последен час во училиште фрлам ранецот со книги, влагам во кола која беше натоварена до врв и со моите родители се упатуваме кон викендицата. Ја обожавав Матка, таму ми беа и најдобрите другари. Уште од многу мал татко ми ме водеше низ шумите во Матка, физички активен од најмали нозе, прво ме научи да се снаоѓам во планина, па после тоа ме научи да пливам. Интересно е тоа дека прво научив да пливам во река, се разбира на Треска. Поинаку е пливањето во река, струите и самата температура на реката прават да треба поголема умешност. Татко ми имаше интересни „алатки“, лак и стрела скоро професионални и понекоја воздушна пушка, додека пак секирите и ножевите ги правеше сам. Од многу рана возраст ме научи како да ракувам и со тие „алатки“. Како деца бевме „банда“ 5 души, нон стоп во движење најчесто на велосипед, на некое дрво качени како береме цреши или мкнеме некоја лубеница од соседните ниви, а секое попладне на репертоар ни беше цепење дрва со секира или стрелање со лак и стрела. Имаше интересни зајадувања меѓу нас како деца, кој е по прецизен или кој исекол повеќе трупчиња дрва.

Таткото на еден од „бандитите“ важи за великан на кајакот на диви води во Југославија и во својот двор имаше еден куп кајаци. Нормално нас ова никако не ни промакна и покрај целодневното капење во Треска еден ден решивме да седнеме и во кајак. Ми се чини дека имав 7 или 8 години прв пат кога завеслав и оттогаш нема да претерам ако кажам дека веславме секој ден. Чичко Трајче, таткото на другарот кој не учеше да весламе имаше стил од „старата школа“, дисциплина на ниво. Иако за нас во тоа време беше пре забавно и го сфаќавме како игра, сепак постоеше една строгост од негова страна. Не проаѓаше ден без неговите приказни за натпреварите во Југославија, тој можеше да зборува со денови, а ние само да слушаме со восхит.

Мислам дека кога наполнив 10 години ми беше и првата трка, токму на Матка, пред самата викендица и го oсвоив 4то место. Тогаш веќе бевме и зачленети во клуб. Татко ми имаше пријател кој имаше кајак клуб на диви води, Илинден ’90, па на 9 години ме зачлени во клубот. Со „бандитите“ бевме најмлади во тоа време. Зимно време не веславме, ги гледавме постарите како тренираат и одевме на „суви“ тренинзи на Матка по планините. Веќе наредната година ми донесоа и опрема за да можам да веслам и на ладно. Морам да признаам дека на „голема вода“ ми беше многу страв да веслам. Од целата моја „банда“ останав само јас, сите други постари во клуб, ултра добри таленти и веслачи веќе со години, имав од кого да учам, ама имав и страв. Има еден потег во кајакот кога ќе се превртиш да се вратиш назад, се вика ескимотажа. Дур ја научам ескимотажата бев предмет на зезање кај постарите. Секое превртување пливав, излегував од чамецот и беше преживување. Мислам дека држам рекорд на превртувања со пливање на патеката на Матка. Едно нешто што веројатно можам да го препишам на себе како доблест во тоа време е што никогаш не се откажав. Се плашев, пливав, ме зезаа, ама не прекинав. Мислам дека и покрај тоа премногу уживав. Дури почнував да станувам многу добар во веслањето. Ако тренингот траеше еден час јас ќе останев уште 30-40 минути да вежбам техника, многу сакав да вежбам завеслаи. Реално имав и од кого да учам, во тоа време околу мене имаше сериозни натпреварувачи, олимпијци. Секоја година бев во репрезентација, имаше средства па не пропуштавме скоро ниедна интернационална трка во сезоната. Не беше на некое ниво, спиевме во шатори или некои си бунгалови ама не беше тоа важно, битно веслав на „голема вода“ и тоа многу. Друга димензија гледав на тие натпревари, во смисла организација и ниво на спремност на другите екипи. Секако брзо се случија и многу пријателства и познанства со кајакари од други земји. Често и правевме тренинг кампови, тие кај нас или ние кај нив. Тоа многу ме одржа да и покрај ниските услови кај нас да останам во кајакот. Сериозно ја сфатив работата, прво беше кајакот па после се друго. Кога се запишував во средно училиште гледав каде има само прва смена за да можам попладне да веслам, нормално секој ден. Можам да кажам дека ангажманот беше професионален, трчав 3 пати неделно, одев во теретана 3 пати неделно и веслав 6 пати во неделата. Обично недела како ден според програмата за тренинг беше пауза ама често „не слушав“ па одев на веслање, имав грижа на совест ако не тренирав. Можеби и влегував во претренираност, па на едно Европско првенство во Братислава, Словачка го дислоцирав рамото. Ми требаа 3 месеци да се опоравам целосно, блокади во рамо, лонгети… не беше пријатно. Меѓутоа и во периодот на рехабилитација не прекинав да тренирам, трчав секој ден, се качував на Водно, правев некои вежби за стомак и грб каде не го употребував рамото. Кога „се вратив“ во чамец неколку години имав сериозен проблем со тоа рамо, знаеше од време на време да се измести. Имав среќа да најдам еден локален алтернативен „местач“ кој успешно ми го ставаше во функција рамото за само 2 дена. Меѓутоа правев и доста вежби за зацврснување на раменскиот појас.

Што се однесува до натпреварувањата како сениор, секогаш бев во репрезентација, најчесто како втор, одевме на натпревари но немавме доволно услови за вистински припреми. Искрено не сакав многу да се натпреварувам. Имав трема која во тоа време не знаев како да ја решам. На почеток немав идеја што ми одговара повеќе, натпреварувачка агресија пред старт или комплетна смиреност и фокус. Медитациите и јогата ми помогнаа да го пронајдам правилниот пристап. Научив дека смиреноста и фокусот ми влијаат подобро, сето тоа останува да е индивидуално. Имав контакт со скоро сите натпреварувачи од другите земји и многу добро знаев што му треба на еден професионален натпреварувач. Немав тренер, немав доволно финансии за нова опрема, ниту пак за припреми пред почеток на сезона, за жал од дома моите родители не беа во можност да ми приуштат. Во тоа време и студирав на Факултетот за Физичка култура во Скопје, дури и морав да работам за да си го плаќам факултетот. Чуствував огромен гнев, само гледав како „другарите“ од Словенија и Германија на моја возраст напредуваат, а јас тапкам во место. Огромна фрустрација, бев гневен на светот, на моите родители, на федерацијата, на клубот. Ама не прекинав да се борам, веслав секој ден, работев и студирав. Резултатите беа се полоши, финансиите се по оскудни ама ни на крај памет да се откажам. Ќе станев пак секое сабајле рано без разлика дали е надвор плус 40 или минус 10 и ќе одев на тренинг. Иако другарите ме гледаа како будала, сепак јас многу добро знаев што сакам да правам, само сакав да веслам. Никогаш кајакот не го доживував само како спорт, самите натпревари за мене не значеа многу, јас го гледав кајакот како дел од мене, како експресија на емоции и чиста слобода. На некои мои блиски луѓе им раскажував дека ако реката е бело платно, а јас на кајакот и веслата имам спектар бои, веслајќи би насликал уметничко дело. Да знаеш што сакаш да правиш и кој си уште од рана возраст, а сето тоа да ти е ускратено раѓа огромна фрустрација. Мислам дека со времето ми беше потешко да се изборам со таа негативна емоција, него ли самото откажување од веслањето.

Условите и егзистенционалната реалност ме наведоа да морам да се откажам од натпреварувањата и генерално од тренинзите и веслањето. Едноставно прифатив и се помирив со тој факт. Имав среќа да бидам избран како еден од тренерите во Интернационалната Кајак Федерација кој ќе работи на проекти за развој на кајакот во земји каде е тоа потребно. Секако не се откажав ни од организирање домашни натпревари, па дури и Европски првенства и на некој начин продолжување на мојата работа пред се како вљубеник во кајакот и некој кој животот го посветил на тоа. Не го чуствувам како обврска пренесувањето на искуството и организирањето натпревари, туку како задоволство кое ми помогна да се помирам со фактот дека нема повеќе да се натпреварувам. Со сета своја енергија му останувам доследен на кајакот.

Сега веќе имам свое фитнес студио „Фитнес Револуција“, можам слободно да кажам дека го правам она што го сакам, да споделам знаење и да им помагам на луѓето преку одредени форми на движење. Инволвиран во меѓународните проекти за развој на кајак, помагајќи во развој и на кајакот во нашата земја наоѓам начин да останам присутен и да уживам во веслањето. Иако можеби читајќи го претходно напишаното некој ќе помисли дека немало ништо добро во таа моја спортска кариера, ама тоа е нешто со кое воопшто не можам да се согласам и не жалам ни за една стотинка помината во кајакот ниту пак на било кој тренинг. Најблагодарен останувам на спортот преку кој се спознав себе, а тежината само ме направи посилен да одговорам на сите животни предизвици достоинствено, решително и стоички.

Интересно е дека најверојатно сум се бавел со секој спорт што постои, меѓутоа во последно време многу се посветив на спортското качување како хоби. Има викенди кога бирам дали да одам да повеслам или да качувам карпи, па кога одбирам да одам на карпа чуствувам грижа на совест како го изневерувам својот спорт.


Автор: Огнен Бражански

© 2019 Beyondtheresults