Се започна кога татко ми ми поклони „Joystick“ за управување авиони за мојот компјутер кога имав 13 години, а можеби и ова не беше почетокот, како и да е, колку што се сеќавам од секогаш сум сакал да бидам пилот. Како мал највеќе си играв со авиони и слични летачки објекти, секогаш кога игравме „Battlefield“ со другарите јас го летав хеликоптерот или бев задолжен за воздушна поддршка. Изворот на оваа љубов кон летањето ми е тотална мистерија, моите родители не се спортисти а уште помалку вљубеници во летањето или пак пилоти. Единствената конекција која јас можам да ја направам помеѓу моите родители и мојата љубов кон летањето е што мајка ми често имала сон во кој таа лета и го гледа светот и улиците каде што расте од воздух, иако според неа јас сум ги избирал најопасните и најбезвезе спортови, наместо да сум играл тенис или фудбал како останатите разумни деца. Дури откако имаше шанса да лета со мене во тандем и го виде светот од небо, но не од небо на 10 000 метри висина како од авион туку доволно блиску да ја препознае својата куќа и да го почувствува ветерот во лице, ја разбра мојата пасија за параглaјдингот. Којзнае, можеби и таа исто така би била пилот во некој паралелен универизум.

Сите проблеми кои јас им ги направив по дома со моето истражување во воздухопловството започнаа кога имав 18 години, повторно вистинските причини ми остануваат мистерија. Некако дознав за параглајдерството и единствено што се сеќавам е дека на мојот 18-ти роденден се најдов пред компјутер и на „Google“ пребарував за параглајдерството во Скопје. Таму го најдов параглајдерскиот клуб „Вертиго“ и по молскавично брза комуникација бев еден од учениците што ќе започнат со обука во школскиот центар веќе нареднот месец.

Како што се повеќе и повеќе го запознавав спортот, ги совладував потребните вештини и жртвував безброј фамилијарни ручеци, дознав дека постои нешто што се вика термика и дека ќе можам да ги користам овие термички столбови како гориво, односно во овие балони со топол воздух било возможно да одам се повисоко и повисоко, се до облаците и така да си го продолжам летот, кој како што ми кажаа тогаш би можел да трае дури и до 5-6 часа. Се сеќавам дека тогаш се ова ми изгледаше како научна фантастика, но ги гледав другите околу мене како успешно се снаоѓаат со овие термички столбови, па така започна предизвикот за слободно летање.

Повеќе не ни сакав да бидам пилот на авион или на било какво моторно летало, јас сакам да летам како што летаат птиците без помош од гориво, туку само со помош на моето знаење и труд и 15-тина килограми опрема. Јас отсекогаш сум сакал предизвици, а овој предизвик започна комплетно друг правец на мојот живот. Предизвикот да го разбирам времето, да ја разбирам микро-метеорологијата и предизвикот да визуелизирам нешто невидливо, како што е воздухот, да имам претстава како воздухот се движи пред мене и како јас ќе имам доволно самодоверба да верувам на мојата скоро со сигурност неисправна претпоставка за динамиката на невидливиот воздух, каде што јас со моето летало кое го собира во ранец ќе поминувам 100-тици километри и ќе летам со часови, за мене е најголемиот и најпривлечниот предизвик.

По премногу часови поминати во воздух и по не знам (а не сакам ни да знам) колку пари потрошени за опрема, мината година го имав летот на мојата кариера. За мене, верувам и за сите параглајдеристи од Скопје, идејата да се прелета од Водно до Охрид е врежана во мислите. Не затоа што тоа е најубавиот регион за летање во Македонија и не затоа што тоа е најдолгиот лет што може да се направи тука, најверојатно причината е што тоа е рута што лесно можеме да си ја замислиме и многу пати сме ја поминале со автомобил, па зашто да не и со параглајдер. Така беше и за мене, добрата работа е тоа што Игор и Гац веќе го имаа направено овој лет па знаев дека е возможно, но исто така знаев дека тие се едни од најдобрите во Македонија и знаев дека нема ветерот да ме оддува до таму, туку ќе морам да направам нешто.

Првиот пат кога направив прелет од 40-тина километри беше од Водно до Гостивар, ова е класична рута без големи компликации, но за мене тогаш беше многу голем успех, беше долг лет и полн со неизвесности, кога стигнав до Гостивар првото што го помилив е дека не сум ни на пола пат до Охрид. „Fast forward“ неколку години, од кои 2 поминати во Словенија на летање, а попатно и студирање, голем број на натпревари во Крушево со „cream de la cream“-от на Македонија, дојде и денот „D“. Некој Април 2018-та, прогнозата беше каква што беше, идеална за таков лет, сончев ден со слаб северен ветер кој може да се искористи за да имам поголема брзина во посакуваниот правец и со облаци на висина од 3000 метри. Бидејќи знаев дека ова може да биде „денот“, а исто така знаев и дека вакви денови нема многу во годината, а јас да сум слободен, кај мене се јави она познато нервозно чувство, она кога знаеш дека утре комфорт зоната за тебе нема да биде достапна. Од друга страна чувствата на самодоверба и решителност исто така беа присутни, па така се создаде совршениот коктел за една незаборавна авантура. Утредента кога на вообичаеното прашање на моите  „Каде ќе летате денес?“ како од шала оговорив ќе летаме накај Охрид, добив одговор со превртување очи и класичното „памет во глава“ и веднаш потоа ми текна да си земам екстра пари, бидејќи не се знае каде ќе го завршам денот.

Како што се доближуваше времето за полетување, така и мојата самодоверба дека денешниот лет ќе биде успешен се интензивираше, додека во еден момент веќе и немав сомнеж, единственото објаснување е дека бев „In The Zone“, фокусиран на целта и без дистракции. Во првиот дел од летот над Водно бевме заедно со Перо и Џо, нивната цел беше Гостивар, а јас им го покажував патот пред нив, самоуверено и без губење време, бидејќи до Охрид ќе ми треба целото сонце што денешниот ден може да ми го понуди. Кога дојдовме кај Осој и се оддалечивме од „питомите термики“ околу Водно, денот си го покажа вистинскиот потенцијал. Права „ракета“, замислете лифт што се качува со 8-9 метри во секунда од 1850 метри до 2500 метри за 1 минута и 20 секунди, секако пропратено со драматична турболенција и потсeтување дека денеска ќе ми треба целата концентрација и знаење за се да се заврши како што треба. Многу брзо стигнавме до Гостивар и од тука за првпат ќе продолжам во нова неистражена територија за мене. Иако овој дел очекував да биде комплициран испадна дека е „текст бук“ параглајдинг, термиките секогаш беа на западните падини кои ги грееше сонцето и јас успешно си го најдов патот, после неколку часа летање пред мене се појави Охридско езеро. Погледот беше многу подобар од што си замислував, иако навистина е тешко погледот да биде лош од воздух, па дури и да летате над пустина. Ова беше навистина една глетка што за мене значеше напредок и резултат на напорна работа како и за вештините потребни за управување на параглајдер, така и за напредокот во мојата самодоверба и одлучност. За драмата да биде уште поголема сосема случајно, недоговорени, слетав на една нива каде што беше слетан Даре кој исто така имаше голем лет со тоа што тој доаѓаше од Крушево, благодарение на исклучителна неверојатност и двајцата се најдовме на некоја ливада во близина на Охрид, по летови од над сто километри. Нашите импресии од денешната авантура беа веднаш споделени и радоста неизмерна.

За мене ова е најуспешниот ден што можам да го издвојам, лет кој всушност е почеток на приказната, бидејќи сега знам дека колку го разбирам небото и ова е само потврда за големите прелети кои ќе следат во друштвото на новата генерација на параглајдеристи во земјава.


Автор: Ѓорги Ристовски

© 2019 Beyondtheresults