Секогаш кажувам дека спортувам од кога знам за себе. Од најмала возраст научив дека спортот е спротивност на пороците, дека спортот е доброто, а пороците се лошото. Тоа си го сфатив здраво за готово и затоа, уште од раните денови во основното училиште, започнав да спортувам. На почетокот тоа не беше нешто посебно, туку повремено играње со другарите во маало. Најголемо влијание да почнам редовно да тренирам имаше мојот брат Горан, кој ми ја воведе дисциплината во спортот и ме научи да бидам истраен и да не се откажувам. Тоа беше некаде во 5-то одделение кога почнав редовно да правам склекови и стомачни под негова контрола, затоа што јас сакав да се откажам уште во првиот момент кога ми стануваше тешко. Првите насочени почетоци во спортот беа во кошарката и уличниот баскет во маало. Играв буквално секој ден, а настапував и за најдобрата кошаркарска селекција во основното училиште и во 7-мо или 8-мо одделение почнав да тренирам во кошаркарскиот клуб ‘’11 Октомври’’. За жал, не продолжив и во средно училиште да тренирам за некој кошаркарски клуб, затоа што околината ми наметна дека спортот е само изгубено време, па се посветив многу на училиштето, но никогаш не престанав со мојата тогаш најголема љубов, кошарката и продолжив редовно да вежбам со тегови во домашната теретана. Во средно училиште, само ми се потврди девизата дека без оглед на било што, јас ќе спортувам цел живот, најдобро што можам и умеам. Уште од мал, спортот стана мој начин на живот и правев сѐ што знам, за секој ден да се подобрам во спортските активности. Почнав да пливам, да одам на планина, да играм фудбал, да возам велосипед, но сѐ беше во функција да се подобрам во кошарката и баскетот во маало. Мојот предизвик беше да продолжам да спортувам во секоја фаза од животот и никогаш да не се откажам. Многу се жртвував за да бидам успешен во спортот и иако никогаш не тренирав професионално за некој клуб, сите ме знаеја дека сакам да спортувам и секогаш ме повикуваа кога требаше да се спортува или да се организира некој спортски настан.

Веќе на факултет, полека почнав да се насочувам кон индивидуалните спортови, затоа што тешко беше да најдам 6 луѓе за баскет, а уште потешко 10-12 за фудбал. Не сакав да зависам од други, па затоа тоа беше главната причина што почнав се повеќе да возам велосипед на Водно, да вежбам фитнес, да трчам понекогаш… Кога почнав да работам, 90% од луѓето со кои спортував порано, веќе се имаа откажано и тогаш, со тешко срце, прифатив дека ако сакам да спортувам целиот живот, тоа ќе треба да го правам индивидуално. Во 2008 година случајно го истрчав мојот прв полумаратон (21,1км) и од тогаш започна мојата љубов со трчањето која трае и денес. Продолжив да трчам затоа што ми беше интересно да патувам и да спортувам, нешто што сум посакувал од секогаш. Во 2009 година одлучив да се посветам најдобро што можам на трчањето. Престанав да играм баскет, за да не се повредам и да можам да се фокусирам 100% на трчањето. Намалив околу 10 килограми и целиот мој фокус го насочив кон трчањето на долги патеки. Полека, но сигурно, навлегував во тајните на трчањето и веќе во 2010 година, на 28 години станав шампион на Македонија. Она што никогаш не го реализирав како дете во спортот, успеав да го реализирам релативно доцна. На среќата и немаше крај. Тренирав со ентузијазам и мотивација како да имам 10 години. Победив на многу трки и станав македонски репрезентативец. Низ годините успеав да бидам повеќе од 20 пати македонски атлетски шампион во различни дисциплини, а имам и повеќе од 30 настапи за репрезентацијата на Македонија. Како македонски репрезентативец сум трчал на улични, планински, крос кантри и трки на атлетски стадион. Сум ја претставувал Македонија на многу балкански, европски и светски натпреварувања, а бев дел и од првите европски олимписки игри. Убавото во сето ова е што и денес јас се уште активно трчам и сѐ што набројав погоре е актуелно. Сите победи на трките во нашата земја и големиот број на себенадминувања се секогаш моја мотивација да продолжам со она што знам најдобро да го правам – да трчам и да спортувам. Мојата љубов кон спортот, од хоби и лично задоволство прерасна во моја професија и најголема пасија во животот. Денес, имам свој атлетски клуб и школа за трчање, „Nike школа за трчање“ , преку кои се обидувам позитивно да влијаам на луѓето околу мене да го изберат спортот како опција број еден во своите животи и секогаш да се грижат и да внимаваат на најскапоценото нешто – своето здравје. Тоа е една убава приказна во која има многу дружење, забава, позитивна енергија и се разбира, многу истрчани километри и насмевки.

Јас преку трчањето и спортот воопшто, го живеам својот сон. Многу сум среќен и благодарен за тоа и затоа тоа е нешто кое секогаш ме води напред  да не се откажам, да истраам кога е најтешко,  да покажам со личен пример,  да се борам до крај. Сите победи и учества на трки ми го продолжуваат животот и ми даваат нова енергија и сила за нови успеси и себенадминувања. Чувството по реализација на нашите цели за кои се подготвуваме и тренираме со месеци е неописливо и може да го почувствуваат само оние кои се во оваа „игра“. За успех во спортот потребна е целосна фокусираност и посветеност буквално секој ден од животот. Ништо нема идеално и подмачкано и на патот до успехот, се случуваат повреди, тешки моменти и разочарувања, но најважно е никогаш да не се откажеме и со позитивна мисла и ведар дух да продолжиме до остварување на целите. Колку и да се недостижни и тешки нашите цели, ние можеме да ги оствариме само ако навистина го посакуваме тоа! На секој тренинг јас си визуелизирам како ја остварувам својата цел и самиот тренинг го доживувам како вистинска трка или натпревар. Искрената љубов кон трчањето е клучниот фактор секогаш да можам да чекорам по патот на успехот. Високите цели се секогаш поголеми и од најголемите изговори. Вербата во себе треба да биде толку многу голема, за да не може никој да нѐ поколеба во своите цели.  За да можам денес да го живеам својот сон и трчањето да биде мој живот како приватно, така и професионално, се откажав од многу работи во животот и верував во моите цели кога никој не веруваше. Но, тоа е процес кој нема крај и трае постојано, па затоа секојдневно размислувам како да го продолжам ова, како да направам нешто ново и подобро, да бидам подобра личност итн.

Спортот е мојот живот. Напорно се борев за да успеам во ова и не планирам никогаш да се откажам. Нема нешто поубаво на светот човек да е психо-физички здрав и да биде позитивен пример за општеството во кое живееме. Нема ништо поубаво од тоа да бидеме инспирација и мотивација за другите и преку личен пример да го покажеме најдоброто што го имаме во нас и тоа да трае постојано, од ден во ден. Мојата цел и во иднина е да останам вистински спортист и заедно со сите љубители на спортот да придонесеме во реализација на квалитетен и исполнет живот.


Автор: Кокан Ајановски

© 2019 Beyondtheresults