Mорам да признаам дека бев немирно девојче, едноставно место не ме држеше, многу пати моите знаеа да ме разбудат и да ми речат добро Ивана ајде одмори малку, не мора и во сон да трчаш. Покрај тоа што не потекнувам од спортска фамилија, уште од мала пробував да се пронајдам во разни спортови. Во средношколските денови за прв пат започнав посериозно да се занимавам со спорт, односно почнав да играм ракомет. Станав дел од ракометниот клуб Кометал каде бев голман и тоа беше главниот момент за да продолжам да се занимавам со спорт до ден денес. Се сеќавам имавме строг тренер и повеќето не го сакавме, но кога ќе размислам, тој човек ни даде многу убава основа во животот на сите таму и сакам јавно да му се заблагодарам. Не научи што е тоа тимска игра, што е тоа дисциплина, упорност, што значи да почитуваш нешто, да научиш да губиш, да победуваш, што значи да сите прсти ти бидат отечени од шутовите, целото тело ти биде со модринки од топката и на натпревар да излезеш и да го дадеш најдоброто од себе.

Со тек на годините започнав да трчам, сето тоа беше со цел да се ослабе некое кило, но искрено не го обожавав трчањето воопшто и накратко кажано се мразев себе си кога трчав, се до моментот додека не ја видов сестра ми како ентузијастички се спрема за нејзниот прв Скопски полумаратон. Ваауу тоа беше научна фантастика за мене, си реков сакам и јас. Се решив дека при наредна прилика, ќе се пробам. Така и беше, се пријавив на Меморијалната трка Горан Стојков во парк и тоа беше мојот прв официјален полумаратон. Од тука започна се, иако одев една недела како робот и сите мускули ми беа воспалени, продолжив да го правам тоа секојдневно. Едноставно не ми се веруваше како може една трка толку да ме смени и да почнам да го сакам трчањето. Се редеа трки, полумаратони, маратони, планински трки, трки со велосипед, едноставно уживав.  Еден ден прочитав за една прелуда трка и останав без зборови…. Ironman …… Триатлонска трка. Полу Ironman (1,9 км пливање, 90 км велосипед и 21км трчање) и Цел Iroman (3,8 км пливање, 180 км велосипед и 42км трчање). Точно две години секојдневно истражував за овие трки и не ми се веруваше дека тоа нешто е возможно. Не можев ни во сон сето тоа да го замислам.

Видов дека за прв пат ваква трка се одржува во Пула – Хрватска (Полу Ironman) Хммм…. Си реков ајде да видиме дали ќе преживеам. Само што ја уплатив котизацијата си реков : Леле Ивана што направи, што ќе правиш сега, не ти требаше оваа глупост. Ме фати паника. Се сè движеше во најдобра насока, се до моментот да пола месец пред трка, паднам од точак и ногата лошо да ја повредам. Тоа беше тотален шок за мене. Се обидував на секаков начин да се смирам и позитивно да размислувам, но едноставно бев доволно долго во спортот да распознаам дека таа нога не беше за движење, не па за на трка. Мојата тврдоглавост беше уклучена на најако, отидов на трка со таква нога (sorry mom). Сега од оваа гледна точка, тоа ми беше моја најдобра донесена одлука, тоа беше трка што ме промени засекогаш, тоа беше трка на која почнав спортот да го гледам поинаку, тоа беше трка на која дознав дека мислата е посилна од било каква болка на телото, тоа беше трка на која што ги поминав сите 9 кругови од пеколот, тоа беше трка на која една баба на точак ме прелета, тоа беше трка на која на финиш направив ѕвезда и се утепав, ТОА БЕШЕ МОЈА ТРКА…. НАЈОМИЛЕНА.

Имав случка на една треил планинска трка која што ме научи на многу важни лекции. Бев исцрпена, телото здробено, едноставно не знаев за себе, само чекав да стигнам до контролна за да се откажам. На контролната ми беше соопштено дека местото е недостапно за било какво возило и дека морам до доле сама да се симнам. Не ми беше јасно како ќе се симнам, кога се откажувам? Си се симнав надоле како под казна и на наредната контролна каде имав прилика да се откажам и да ме земе возило, одбив и ја финиширав трката. Таа медаља ми стои на посебна полица. Лекцијата повеќе и од научена. Едноставно планината не ти дава опција да се откажеш и друга работа, имаме неисцрпна сила. Многупати ќе ме прашаат како наоѓам мотивација, како се справувам со лош резултат? Ако јасно си ја поставиш целта и сето тоа ти е задоволство, мотивацијата ќе си дојде сама по себе. Нормално не можеш постојано да ја имаш, па почнуваш да измислуваш и најмали ситници за да ја одржиш. Како на пример при моето спремање за трката во Италија, имав возења со велосипед каде некогаш уживав и каде некогаш стварно ми беше тешко да се наканам. Еден ден имав од она возење што едвај се наканив, па како за беља ме збрка едно куче, па тогаш си реков: Oкеј Ивана немаш мотивација? Кучево ко измислено за тебе. Ја искористив ситуацијата и дозволив кучето да ме брка, со цел да имам поголема просечна брзина. Стварно тој ден имав убава вожња. Следниот ден му однесов јадење на кучето , да му се заблагодарам за помошта и нормално секогаш кога ќе паднеше мотивацијата, возев по таа улица каде што обично седеше кучето. За мене, исто така и лошиот резултат е мотивација. После секој лош резултат ќе направиш се само да бидеш што подобар. Понекогаш свесно не ги исполнувам очекувањата со цел да нареден пат бидам подобра. Еден мој пријател има кажано: Понекогаш намерно одам до дното, да можам од самото дно се одбијам и отидам што повисоко. На лошиот резултат, гледам како добро научена лекција и ништо друго.

Со наредните мои тратлонски трки се повеќе и повеќе се продлабочував во нештата и работев на себе. Триатлонот за мене претставува игра на трпение и ништо друго, а моето трпение беше на најниско ниво. Токму затоа се пријавив на Ironman Emilia Romagna (цел Ironman), за да си ги поместам сопствените граници и да си докажам дека можам да ја играм таа играа цели 13 часа.

Спремањето на трката во Италија ми беше најдолго и најпосветено нешто до сега што сум го направила. Трката сама по себе беше пресериозна, па морав и јас сериозно да си го сфатам тој пристап. Точно една година се спремав, сега гледано од страна сето тоа изгледа како сосема лудо и невозможно, но уживањето во самите тренизи ме доведоа да издржам толку долго. Најбитното беше што уште пред да почнам да се спремам си ставив до знаење, океј ова е само забава и мора да остане така, зошто во спротивно, се ќе падне во вода. За викендите кога имав подолго возење со велосипед или долго трчање станував пред да ми заѕвони алармот, тоа беше настан за мене, се фаќав неколку пати како додека се спремам, ќе облечам спринтерици, ќе ставам кацига, ќе се погледнам во огледало и гледам дека сум цела насмеана, иии одам да возам велосипед без да ми текне дека од дома сум излегла во 3 часот наутро и дека ме чекаат 170 км. Или пак кога ќе облечам шорцеви, маича, патики, слушалките на мене.. и излегувам да трчам, жива радосна, ни на крај памет дека денес имам 30 км….

Ако добрата мисла ја одржиш, ќе немаш никаков проблем. Ти прелета ли само на кратко еј ова вака, ова онака, очекувај наредните пола саат да те заболи нешто , да почнат да ти се превртуваат црева, да ти се повраќа…. Да признаам имаше и денови каде се мразев од дното на душата и многу се пцуев. Доволно долго сум во спортот и многу добро си го познавам телото да знам да ги разликувам оние тренинзи кога треба да стиснам заби и да ги изработам и оние кога стварно не можев. Кога стварно не можев не се пазарев со телото, прекинував и си давав доволно време колку што е потребно до следен тренинг. Имав една случка, имав 30 км за трчање, не успеав сабајле да го изработам тренингот, па решив да го направам касно навечер, после истрчаното бев толку уморна што реков само кратко да седнам во кола и си бегам накај дома. Моето следно будење беше после 3 саати. 3 саати сум спиела на паркинг во кола.

Не постои спортист што бил во тренажен процес и не му пролетале мисли од типот на: леле зошто го правам ова, што ми требаше, телово си го здробив, се откажувам од многу ствари, многу вложувам, а не добивам ништо. Не ми текнува друг одговор за ова, едноставно сево ова го правиш за сам себе и уживаш во тоа или моментот кога поголемиот дел од сево ова ти претставува тешкотија, го прекинуваш и го правиш нештото што сакаш да го правиш. Simple as that!

Толку многу се убедив сама себе, толку имав некоја чудна – убава енергија, што месец дена пред трка знаев дека ќе финиширам. Бев сигурна во тоа и не можеше никој да ме разубеди во спротивното. На ниедна трка нема да биде се совршено и се под конец, но сите тие работи (заборавање на гарминот пола саат пред трка, огромни плускавци, пливање со медузи, големи температури, голема влажност во воздухот), ги склопуваш и правиш да сето тоа е нормално и да ТОЈ ДЕН Е ТВОЈОТ ДЕН, ТВОЈОТ НАЈОМИЛЕН ДЕН. И навистина станува.  


Автор: Ивана Герчакова

© 2019 Beyondtheresults