Зошто? – Бојан Митановски

„Зошто?“

Како никогаш претходно, овој збор ми е во мислите додека го барам патот нагоре, во ноќ без месечина, на една мазна плоча далеку над моето последно осигурување. Студено е, темно, заглавен сум со врвовите на моите бајли и дерези на четири ситни испакнатини на карпата, времето ми истекува, јас морам да повлечам потег и немам право на грешка.

Зошто, навистина…? Времето полека забавува, тоа ја има таа навика, најспоро е кога најбрзо тече, па човек има време да размисли за се во тие неколку секунди, се што го мачи… Вклучително и контемплацијата на вечната тема – зошто сето ова, побогу?

Претпоследната ноќ од годината е, јас и Саша Грбич сме на северната стена на Вихрен, на Пирин. Парче карпа од 500 метри, „the stuff that dreams are made of“, на една насока која одамна ми беше желба. Далеку стасавме. Јас и Саша. Онаа зима, Јануари 2011-та на Кобилица, нашата прва заедничка тура, запознавањето. Абер немавме од алпинизам. Нит на мене, нити на него на крај памет не ни беше вакво нешто.

На „зошто?“-то се надоврзува и едно „како“? Саша е сега доле, на сидриште, сигурен, телефонот му е фул, со сите ОНИЕ броеви, јак е, може да издржи дури и ваква ноќ на отворено, бивак вреќата е кај него, доволна храна исто така. Тоа ме смирува. Малку ми е чуден, онака облечен во сите слоеви, оној звер кој качува ноќе во сред зима на 3800 метри во поларче. Јас пак, како во транс… не чуствувам ништо, ама гледајки го, ценам дека, веројатно навистина е студено.

Фрлам поглед над мене, плочата се стеснува во мал превисен жлебест скок, над него не гледам ништо. Планот е: да стасам до таму, жлебот ќе прими бајла, а ако прими бајла, тогаш ќе може  и осигурување некакво. За понатаму ќе видиме… Треба само да тргнам.

Трае сето ова, еве веќе неколку часа, и овој момент не е овој момент, туку којзнае кој по ред ваков во овие три должини, но е првиот во кој се фаќам себеси како се прашувам. Зошто, зошто, зошто…? Секој во оваа работа има некое свое зошто. Неретко одговорот лежи во потребата да се напои секогаш жедното его. Познавам лично такви луѓе. Таму „доле“ за нив чуствувам некоја мешавина од бес и презир, но овде „горе“, освен сожалување ништо друго. Кое е моето зошто…?

Со десната бајла барам фаќалиште погоре… има нешто, но не е тоа тоа, а баш таа ќе ми треба за да ја заглавам во пукнатината погоре. Внимателно ја враќам, пазејќи при тоа да го задржам овој деликатен баланс. Деликатен баланс… па зарем не е се така во животот…? Ја сум всушност во една сосем природна, секојдневна ситуација.

Времето додатно успорува, како да минува цела вечност помеѓу две отчукувања на моето срце. Колку ли само ја посакував насокава! Ги нема тие зборови кои можат да опишат колку ми требаше ова качување. Грипосан? Нема проблем. Сува карпа? Ако, мора и тоа да се тренира. Под стена, нешто сосема поинакво, карпа полна со неконсолидиран снег. Супер. Уште поголем предизвик. Кога нешто навистина сакаш, секоја тешкотија на патот ти е предизвик и инспирација, не оставајќи при тоа ни најмал простор за оправдување. Но зошто токму ова? Што му фали на скијањето? На бициклизмот? На трчањето? На спортското качување, на крајот на краиштата? Зошто мора да е ладно, да е темно, да е непознато и тешко, со 5 kN чокче некои десетина метра под тебе, наместо болт на пет?

Војтек Куртика и Дилан Томас имаат свој одговор на ова прашање. Секогаш трезен алпинист и вечно пијан поет со ист, свој, поглед на светот. Поетот е мртов, алпинистот преживеа. Нормално, поезијата е најекстремната од сите човечки активности. Ништо друго нема толку големи животи однесено, дури ни војната. Но тоа е нивната вистина, нивниот одговор, а мојот?

Ја читам карпата уште една. Креирам движење во себе. Мислам дека имам можно решение. Левата бајла овојпат. Нежно. Има нешто, не е сјајно, ама држи. Подобро да држи. И тука времето конечно запира.

Поаѓам. Ја оптеретувам левата бајла. Целата моја тежина е сега на таа една единствена точка, тие неколку милиметри меѓу мене и вистината. Едно сме. Потполна тишина и мир. Па гледам кон се што се случува во мојот живот, но сега е сосем јасно и бистро. И низ ист олук ги пуштам заедно, рака под рака: доброто и злото, љубовта и омразата, радоста и тагата, здравјето и болеста, имањето и немањето, добитокот и губитокот, пријателот и непријателот, успехот и неуспехот, похвалата и покудата. И се она измеѓу сите нив. Така изгледа слободата. Така изгледал животот пред “јаболкото”. Така изгледа и смртта. Сега, за мене барем, тоа се тешко изброени моменти, неколку пати во годината. Но тоа е сосем доволно. Со секој нов останува и сеќавањето на него, можноста да го повикаш во себе повторно и повторно. И да најдеш сигурно засолниште секогаш кога ќе посакаш, од каде јасно се гледа баналноста на она што го нарекуваш „мојот живот“ со се во него: родителите, децата кариерата, пријателите, домот, кредитите… целата таа илузија.

Пар движења, се е по планот, бајлата заглавена во пукнатината на жлебот, куката в рака, кога она… клин! Брзо се прикопчувам. Сигурен сум. Тек сега приметувам колку сум се „напумпал“. Времето повторно нормално си тече. Нагоре е веќе полесно. Наскоро ќе излеземе од насоката, ќе се спуштиме во сигурноста на домот, ќе јадеме, пиеме и спиеме. Утре ќе станеме, донекаде ќе се посереме на се ставајќи слики на Фејсбук, на Инстаграм… Ќе ја гушнеме повторно илузијата. Но, со секое враќање, се помалку и помалку. Се подалеку и подалеку од неа. Се до оној ден, кога оној момент, оној дел од секундата, ќе стане вечност.

Ете затоа!!!


Автор: Бојан Митановски

© 2019 Beyondtheresults